Предлози за празнично филмско уживање
Филмските маратони се чест начин за забава со друштво во празничниот период или за да се земе здив од згуснатиот распоред полн со забави. Погледнете ја оваа листа со филмови кои се појавија во последните две години, кои сигурно ќе го задржат вашето внимание во овој период.
1. Борновото наследство (Bourne Legacy)
Жанр: акција, трилер, мистерија
Јазик: англиски
Премиера: 10 август 2012
Улоги: Џереми Ренер, Рејчел Вајс, Едвард Нортон
Времетраење: 135 минути
Наша оценка: 8/10
Кратка содржина: Четвртото продолжение на серијалот за агентот Борн е прво кое не е базирано на книгите на Роберт Ладлам. Овој дел е поразличен од претходните три, но и тој е задолжителен за фановите на трилогијата. Фали харизматичниот Мет Дејмон, иако и Џереми Ренер е одличен во улогата на таен агент, но исто така филмот е побавен, а текот на дејствието остава впечаток дека е само вовед во многу следни продолженија. Сепак, и овде има доволно акција и мистерија, кои овој пат ги носи приказната за агентот Арон Крос (Џереми Ренер). ЦИА се обидува да го убие за да покрие некои сопствени утки во операциите, но откако ќе успее некако да се спаси ќе тргне во потрага по одговор за она што му се случува.
2. Човекот со железни тупаници (The Man with the Iron Fists)
Жанр: акција
Јазик: англиски
Премиера: 2 ноември 2012
Улоги: Расел Кроу, Луси Лиу, Џејми Чунг, Риза
Времетраење: 95 минути
Наша оценка: 7/10
Кратка содржина: Дејството е сместено во Кина во деветнаесеттиот век, каде што селото Џангл Вилиџ е средиште на борбите помеѓу неколку завојувани кланови. Нивна крајна цел е златото чија испорака поминува низ селото. Во потрагата по него ќе се вклучи и еден англиски војник (Расел Кроу) и селскиот ковач (Риза), кој прави оружје за клановите со цел да го отплати ропството на својата сакана. Филмот изобилува со брутални борбени сцени од боречките вештини од далечниот исток.
3. Црвеното куче (Red Dog)
Жанр: семејна драма, комедија
Јазик: англиски
Премиера: 4 август 2011
Улоги: Коко, Џош Лукас, Рејчел Тејлор, Артур Ејнџел
Времетраење: 92 минути
Наша оценка: 9/10
Кратка содржина: Црвеното куче ќе пристигне во едно мало рударско гратче во Австралиската пустина и ќе почне да ги менува животите на луѓето таму: едни ќе пронајдат пријателства, други ќе пронајдат љубов, на трети ќе им го спаси животот, а некои ќе се пронајдат себеси. Ако сте фан на филмот за кучето Хачи ќе го обожавате и Црвеното куче, затоа што и тој е базиран на вистинска трогателна приказна за љубовта меѓу луѓето и животните која сигурно ќе ве разнежни.
4. Грабната 2 (Taken 2)
Жанр: акција
Јазик: англиски
Премиера: 20 декември 2012
Улоги: Лијам Нисон, Фамке Јансен, Меги Грејс, Раде Шербеџија
Времетраење: 92 минути
Наша оценка: 8/10
Кратка содржина: Вториот дел на возбудливата акција продолжува онаму каде што заврши првиот. Главата на албанската мафија (Раде Шербеџија) посакува одмазда за својот загубен син. Ќе тргне во потрага по Брајан Милс (Лијам Нисон) и ќе го најде во Истанбул. Тој е таму заедно со својата ќерка и поранешната сопруга, а тоа е совршена можност за одмазда.
5. Стража (The Watch)
Жанр: научно-фантастична комедија
Јазик: англиски
Премиера: 27 јули 2012
Улоги: Бен Стилер, Винс Вон, Џона Хил
Времетраење: 102 минути
Наша оценка: 7/10
Кратка содржина: Еван (Бен Стилер) е совесен и одговорен граѓанин кој по едно мистериозно убиство во градот ќе оформи стража која ќе се погрижи да го најде убиецот и да спречи нови немили настани. На неговиот јавен повик ќе се јават само луѓе кои сакаат да побегнат од секојдневната рутина во животот. Ним не им е дојдено до стражарење туку само до забава… барем додека не се појават вонземјаните.
6. Чудниот живот на Тимоти Грин (The Odd Life of Timothy Green)
Жанр: семејна драма, фантазија
Јазик: англиски
Премиера: 15 август 2012
Улоги: Џенифер Гарнер, Џоел Еџертон, Си Џеј Адамс
Времетраење: 105 минути
Наша оценка: 9/10
Кратка содржина: Преку чудниот живот на малиот Тимоти Грин се раскажува приказна за двајца родители кои тежнеат да бидат идеални. Во очајот по неможноста да добијат дете, Синди (Џенифер Гарнер) и Џим (Џоел Еџертон) на хартија ќе напишат какво сакаат да биде нивното дете, ќе ја стават во кутија и ќе ја закопаат во градината. Ноќта ќе се случи чудо и токму на тоа место ќе „никне“ малиот Тимоти. Тој е прекрасно дете, со сите добри особини кои беа напишани и закопани, но има работи кои го прават различен од сите други деца.
7. На пат (On the Road)
Жанр: авантура, драма
Јазик: англиски
Премиера: 23 мај 2012
Улоги: Сем Рајли, Герет Хедланд, Кристен Стјуарт, Кирстен Данст
Времетраење: 124 минути
Наша оценка: 7/10
Кратка содржина: Адаптацијата на истоименото дело на Џек Керуак е иста како и книгата, само имињата на ликовите се сменети. Младиот писател Сал Парадајз (Сем Рајли) патува низ Америка во потрага по инспирација заедно со слободоумниот Дин Моријарти (Герет Хедланд) и неговата девојка Марилу (Кристен Стјуарт). Додека се на пат среќаваат голем број луѓе кои неминовно влијаат на текот на нивните животи.
8. Ова мора да е тоа (This Must Be the Place)
Жанр: драма
Јазик: англиски
Премиера: 24 август 2011
Улоги: Шон Пен, Френсис МекДорманд, Џад Хирш
Времетраење: 118 минути
Наша оценка: 7/10
Кратка содржина: Ова е одличен филм за созревањето и продолжувањето понатаму по лошите настани од минатото. Во него Шон Пен го глуми Шејен, пензионирана рок ѕвезда која живее здодевен живот со сопругата во огромна куќа во Даблин. Работите за него ќе станат поинтересни кога ќе треба да се врати во САД, каде што татко му е на смртна постела. Иако не си прозбореле 30 години, Шејен ќе одлета до таму, но за малку ќе задоцни на неговите последни мигови од животот. Сепак, тој ќе реши да му се оддолжи со тоа што ќе ја исполни целта која неговиот татко не доживеал да ја изврши – да го најде обвинителот поради кој тој завршил во концентрационен логор.
9. Црно злато (Black Gold)
Жанр: драма, трилер
Јазик: англиски
Премиера: 23 ноември 2011
Улоги: Антонио Бандерас, Марк Стронг, Фрида Пинто, Тахар Рахим
Времетраење: 130 минути
Наша оценка: 9/10
Кратка содржина: На почетокот на дваесеттиот век конечно ќе заврши војната меѓу две арапски племиња. Ќе постигнат примирје, според кое меѓу двете кралства ќе има означено ничија земја, а поразениот султан Амар (Марк Стронг) ќе ги даде своите двајца синови, Али и Ауда, да бидат одгледани кај емирот Несиб (Антонио Бандерас) како гаранција дека ќе нема повеќе војни. По петнаесет години, кога американските компании за прв пат ќе почнат да пристигаат во потрага по нафта, Ауда (Тахар Рахим) ќе мора да избере страна меѓу својот конзервативен татко Амар, кој не ги сака новодојдените, и Несиб, кој сега веќе е таткото на неговата сопруга и сака да ги продаде нафтените полиња кои се наоѓаат на ничијата земја.
10. Целосно отповикување (Total Recall)
Жанр: научно-фантастична акција
Јазик: англиски
Премиера: 3 август 2012
Улоги: Колин Фарел, Џесика Бил, Кејт Бекинсејл
Времетраење: 118 минути
Наша оценка: 7/10
Кратка содржина: Дејството е сместено во пост-апокалиптичен свет во иднината во кој и понатаму мал број луѓе го трошат она што го произведува мнозинството. Даглас Квејд (Колин Фарел) е еден обичен работник кој при еден обид да побегне од здодевното секојдневие ќе открие дека е шпион. Тогаш почнува да се сомнева во сè и да бега, а неговите „претпоставени“ ќе тргнат во потрага по него.
Покрај овие, разгледајте ги и претходните филмски предлози кои редовно се објавуваат на Кафе пауза.
Погледнете ја и листата на хорор филмови.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.