Одмазда (Revenge)
ТВ серија за барањето правда и душевен мир по пат на ладнокрвна одмазда
Главни улоги: Емили Ван Кемп, Меделин Стоув, Гејбриел Мен, Џошуа Боуман, Хенри Черни
Жанр: драма, трилер, мистерија
Премиера: 21 септември 2011
Јазик: англиски
Времетраење: 43 минути
Број на сезони: 1
Наша оценка: 7
Ваша оценка:
———————————————————————————————————————————————————————–
Простувањето е можеби исправна верска постапка, но „Одмазда“ нема за цел да ве научи на морал и етика. Ова не е приказна за простувањето, ова е приказна за одмаздата на луѓето кои згаснале еден живот и загорчиле друг.
Ова ТВ шоу го наметнува прашањето: Како вие би постапиле, доколку сте живееле хармоничен живот со вашиот татко додека сте биле дете и одеднаш некои моќници, себични луѓе, го сместуваат вашиот единствен родител в затвор за криминал кој не го сторил, со цел да се спасат себеси од извршување на казната? Дали ќе им простите и ќе продолжите да го живеете вашиот живот како ништо да не се случило? Можеби тоа е исправен чекор, но дали е лесно остварлив?
Неправдата боли, осаменоста и тагата го прават човекот ладнокрвен, а ваквите „темни“ чувства одлично ги пресликува главниот лик во серијата.
————————————————————————————————————————————————————————
Приказна: Емили Торн е убава, богата млада девојка со мистериозно минато. Кога била мало девојче, татко ù бил неправедно изманипулиран од моќни луѓе и невин завршил в затвор, каде и згаснал неговиот живот. Емили, која тогаш се викала Аманда завршила во Центар за згрижување на деца, каде што поминала тежок период во своите тинејџерски години, бидејќи таму вработените ја третирале како да се наоѓа во Дом за малолетни престапници, поради „криминалот“ на нејзиниот татко.
Во сета несреќа, светлиот зрак е тоа што татко ù и оставил големо богатство кое ù овозможило да го смени името и да се пресели повторно во нејзиното родно место Хамптонс и еден по еден, да им се одмазди на сите луѓе, кои биле вмешани во уништувањето на неговиот живот. Нејзините чекори се интелигентни, промислени и лукави. Преку ден таа се однесува како ангелче, културна девојка која сите ја почитуваат и сакаат, а навечер го смислува следниот одмазнички чекор, служејќи се со можностите на најновите технологии. За целиот нејзин план знае само едно момче – „компјутерџија“ кој работел со нејзиниот татко, благодарение на кој сега тој има милиони и мотив да ù помогне.Кинематографија: Хамптонс е мало луксузно место во кое живеат најголемите богаташи и моќници. Животот на луѓето од високата класа е прикажан во своето реално светло: неуспешни бракови, нестабилни семејни односи, неискрени пријателства, огромни, луксузни куќи полни со „студенило“ наместо со љубов и наспроти ова, глумење дека го живеат „животот од соништата“.Глума: Емили Ван Кемп со својата глума, навистина успева да го „продаде“ ова ТВ шоу. Ако таа се однесуваше премногу ладно, немаше да успее да допре до срцето на публиката. Ако беше премногу мила и слатка, ќе ни делуваше цинична и лицемерна. Таа е идеалната комбинација од невиност и зло, што ја прави вистинскиот избор за ваков тип серија. Одличен противник пред камерите ù е Меделин Стоув која ја глуми богаташката Викторија Грејсон – најголемиот виновник за нанесеното зло на таткото на Аманда.Кога и како да ја гледате: Ова е серија која поради својата мистичност, непредвидливост и необична приказна е подобро да ја гледате навечер, за да ја доживеете во својот целосен облик. Самото дејствие не е вознемирувачко, ниту страшно, туку само интересно за гледање и анализирање на комплексната карактерна природа на главниот лик, поради што не би ви било лошо доколку изгледате една епизода, кога ќе се стуткате навечер под ќебенце.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Serijava ke me ostavi bez son vecerva osekjam.,.. nemozam da prestanam so gledanje :))) definitivno zaraza !!