Невозможна мисија: Протокол дух (Mission: Impossible – Ghost Protocol)
Автор: Димитар Гошевски
Филм кој целосно го оправдува слоганот: „без план, без бекап, без избор“ и кој успешно ќе ве воведе во ултравозбудлива двочасовна акциона авантура
Режија: Бред Брд
Главни улоги: Том Круз, Сајмон Пег, Пола Патон, Џереми Ренер
Времетраење: 133 минути
Јазик: англиски
Премиера: 16 декември 2011
Жанр: трилер, акција
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Доколку ви се допадна „Брзи и бесни: Рио“, ќе го обожавате и најновиот дел од „Невозможна мисија“ на Брд, кој ќе ја исполни желбата за една добра шпионска трчаница на сите љубители на добри акциони трилери. Филмот е посебно погоден доколку ви здосадија сите оние зимско-божиќни филмови, кои веќе од средината на декември се вртат по телевизиите. Обрнете посебно внимание на три сцени: бегството од рускиот затвор, опасното искачување по највисоката зграда на светот во Дубаи (однадвор) и борбата во Бомбај со која и кулминира приказната. Овие три сцени се рангирани меѓу најдобрите, не само во изминатата година, туку воопшто во филмската индустрија.
Приказна: Во четвртото продолжение од серијата „Невозможна мисија“, Итан Хант и неговиот тим се борат со времето за да најдат еден опасен терорист по име Хендрикс (го глуми Швеѓанецот Мајкл Њуквист, чија глума нема да ви остави некој посебен впечаток), кој во неговите раце ги држи кодовите од руските нуклеарни ракети, планирајќи напад на САД. Првиот обид да го запрат завршува безуспешно, притоа уништувајќи го половина Кремлин и приморувајќи го рускиот претседател да се повика на Протоколот дух. Непоколебливиот Итан и неговата дружина го бркаат Хендрикс до Дубаи, а од таму до Бомбај, но и по неколку спектакуларни акции, сѐ уште немаат голема шанса да го запрат.За волја на вистината, во приказната и нема некоја посебна девијација од основниот, веќе и рутински, модел кога станува збор за филм со шпиони и тајни агенти. Има нов лудак, во случајот Хендрикс, кој сака да го доведе светот на работ на војна. Тој верува дека светот мора да го помине патот на нуклеарната војна за да настапи вечен мир.Но, од друга страна, она што го комплетира филмот и што го прави интересен е специфичниот шарм на Том Круз, чувството дека не постои гравитацијата, мајсторските егзибиции и неверојатната акција. Се разбира, како и секогаш во филмовите со Том Круз, тука е и огромната брзина која ќе ве вовлече во авантурата на Итан Хант толку многу, што во ниту еден момент филмот нема да ви биде здодевен или неинтересен.Според Rotten Tomatoes филмот доби 93% позитивни критики и оценка 7.6/10. Досега само од американската публика заработил 170 милиони долари.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Kako i prethodnite 3 dela od Mission Impossible i ovoj e bas SUPER!