Недофатливите (The Intouchables)
Филм за тешките човечки судбини, социјалните разлики и инцидентните пријателства…
Режија: Ерик Толедано и Оливие Накаш
Улоги: Франсоа Клузе, Омар Си, Ана Ле Ни
Времетраење: 112 минути
Јазик: француски
Премиера: 02 ноември 2011, Белгија
Жанр: драма, комедија
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Кога хуманоста умерено ќе се нагласи, таква каква што и може да се очекува во реалноста, а хуморот ќе ве остави гладни за уште, веднаш станува јасно дека зад филмот не стои Холивуд. Се работи за европска драма, која се темели на вистинска приказна. Во нејзиниот фокус се социјалните разлики и тешки човечки судбини, но неизбежната патетика е сведена на минимум. Токму така, приказната е суптилна, во европски стил. Единствена мана е тоа што во филмот речиси и да нема никаква тензија.
„Недофатливите“ стигна до заработка од 281 милион долари, девет номинации за „Цезари“ и едно признание за најдобра машка улога, на 37-то издание на француските филмски награди, кои претставуваат своевиден еквивалент на „Оскарите“. Тој е во првите три најгледани европски филмови за изминатата година. Киносалите изброија преку 20 милиони гледачи.
Приказна: Ноќ во Париз. Во фокусот е црн автомобил кој беснее по улиците и го привлекува вниманието на полицијата. Вистински адреналински почеток за прилично мирниот остаток од дејството на филмот, во кој комичните елементи не се многу на број, но се умешно одбрани и добро спакувани. Автомобилот го управува Дрис (Омар Си), проблематично, но харизматично момче од сиромашно гето, а на совозачкото седиште е Филип (Франсоа Клузе), парализиран богат аристократ, кој останал инвалид како резултат на параглајдерството. Ќе ги спои темпераментот и зависноста од адреналин, но за сосема различни работи. На пример, и двајцата се страсни уживатели на музиката, но како што и претпоставувате, жанровите кон кои се наклонети се меѓусебно скарани. 🙂Дрис доаѓа од многучлено семејство, во кое тој не е единствениот проблем. Буквално по грешка станува негувател на Филип, бидејќи се пријавува за работното место, сигурен дека ќе го одбијат, само за да добие потпис со кој ќе продолжи да зема социјална парична помош. Сосем неочекувано, неговиот арогантен однос и бунтовен дух ќе му ја загарантираат работата.
Во филмот, високите банкарски сметки на Филип од една страна се прикажани како практични, но небитни, како нешто што не може да ви ја даде посакуваната моќ, но од друга страна и како оружје со кое најлесно се доаѓа до решение на проблемите. Дали станува збор за баланс или за контрадикторност, оценете сами.Кинематографија: На моменти ќе се соочите со темни, празни и безлични сцени, но на моменти ќе уживате во кадри со совршено небо, мирен океан и разиграни бои, налик разгледници од Париз. Можеби приказната е веќе продадена во Холивуд, но начинот на кој се подредени сцените и уметничкиот пристап во секоја од нив, прават впечаток дека се работи за нешто сосема поинакво. Инаку, нема долго да се дружите со тмурните моменти или барем нема силно да ги почувствувате, бидејќи повремено нив ги разбива дискретно уфрлена силна боја (најчесто црвена) или по некоја забавна реплика. Но, како и да е, ведрите сцени остануваат подолго во сеќавање. Секоја од нив е проследена со соодветна музичка поддршка. 🙂Улоги: Може слободно да кажеме дека Омар Си заслужено доби „Цезар“ за најдобра машка улога на француските филмски награди. За огромната популарност на филмот и неговото претворање во меѓународен хит, најверојатно придонесува и тоа што Омар е силно обожуван и ултрапопуларен кај публиката. Тој совршено се надополнува со неговиот партнер во филмот, Франсоа Клузе, кој пак е зачудувачки умерен и смирен во неговата задача. И останатите нивни колеги одлично се носат со улогите. Тие се како мали, но неопходни парчиња од мозаикот.Кога и како да го гледате: Гледајте го навечер, со пријателите кои обожаваат малку драма и европски хумор. Чипс и пивце се добредојдени. Со оглед на тоа што трае безмалку два часа, заземете си ги вашите омилени положби за гледање филм и стиснете плеј. 🙂 Големото платно не е задолжително, бидејќи филмот не изобилува со ефекти, но, сепак, не е лошо пред да одлучите да го гледате, да проверите дали е можеби на репертоарот, на пример, во Кинотеката на Македонија.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.