Модерна фамилија (Modern Family)
ТВ серија за модерните семејства во новото време
Главни ликови: Ед Онил, Софија Вергара, Џули Боуен, Тај Барел, Џеси Тајлер Фергусон, Ерик Стоунстрит, Рико Родригез…
Жанр: комедија, мокументарец
Времетраење: 22 мин.
Премиера: 23 септември 2009
Јазик: англиски
Број на сезони: 2
Следна епизода: 17 ноември 2010
Наша оценка: 9
„Модерна фамилија“ е серија, која ќе ви ги долови современите семејства и семејните односи, преку едно фамилијарно дрво сочинето од 11 членови. Станува збор за три семејства, од кои првото е традиционално, второто е геј пар плус посвоено бебе, а третото е стар маж, преженет со млада Колумбијка, која има син од претходниот брак. Различните карактери, разликата во генерации и шармантната глума, креираат една живописна комедија во која не постојат никакви предрасуди, а нејзин главен мотив е љубовта од секаков тип.
Џеј е постар маж оженет со многу помлада Колумбијка, Глорија, која доаѓа во пакет со нејзиниот 11-годишен син Мени од претходниот брак, кој веќе верува во вистинска љубов и во моќта на поезијата. Помагањето на Глорија околу воспитувањето на Мени, е втора шанса на Џеј да се докаже како татко, бидејќи малку ја зафркнал работата првиот пат.
Џеј и вели на Глорија: „Јас морам да остарам, но ти не мораш да се здебелиш.“
Неговата ќерка Клер е презафатена мајка, која се труди правилно да ја воспита својата ќерка тинејџерка и да ги спречи останатите две помали деца да се убијат меѓусебно.
Клер: „Ако Хејли никогаш не се разбуди на некоја плажа во Флорида полугола, тогаш јас добро сум ја завршила мојата работа.“
Од голема помош не е ни нејзиниот откачен маж Фил, кој себеси се смета за најкул татко на планетата.
Фил и вели на Клер: „Тоа не беше ни малку порно. Тоа беше само топлес девојка на трактор. Знаеш како го викаат тоа во Европа? Реклама за житарици.“
Најневообичаениот член на семејството е синот на Џеј, Мичел, кој заедно со неговиот геј-партнер Камерон, посвои бебе од Виетнам.
Интересни податоци:
- Актерот Џеси Тајлер Фергусон, кој ја глуми улогата на хомосексуалецот Мичел, е хомосексуалец и во вистинскиот живот. Неговиот татко во серијата, постојано се преправа дека заборавил дека син му е хомосексуалец, па Мичел мора постојано да го потсетува. Истото му се случувало и со неговиот вистински татко.
- Фил во текот на целата сезона повторува дека ќе ја поправи скршената скала, но во последната епизода таа се уште не е поправена.
- Нолан Гоулд, кој ја глуми улогата на глупавото дете Лук, всушност има многу висок коефициент на интелигенција.
- Улогата на ќерката на Кем и Мичел, Лили, ја глумат две различни бебиња. Бебињата се близначиња, од кои едното е машко, а другото женско.
Кога и како да ја гледате: Оваа серија можете да ја гледате кога било, без разлика на вашето моментално расположение, бидејќи на крајот сигурно ќе бидете ведри и насмеани. Измислена серија за одлична забава и гледање во друштво. Направете многу пуканки, купете неколку пијалаци, викнете ги вашите пријатели и поминете една пријатна вечер низ смеа.
Слични серии: „Оженет со деца“, „Како ќе каже Џим“, „Сите го сакаат Рејмонд“, „Полна куќа“
Гледајте ја серијата онлајн: http://modern-family-online.tk
Mnogu interesna serija, nema da zalazalite ! 😀