Македонски филмски хроники
Да се потсетиме на почетоците на македонската кинематографија. Што се случуваше на ова поле од 1905 до 1952 година, односно од амбициозните обиди на Манакиевци, па сè до смелиот потег на Воислав Нановиќ, да го создаде „Фросина“…Првите подвижни слики на браќата Јанаки и Милтон Манаки (првите филмски сниматели на Балканот), во кои нивната 114-годишна баба Деспина преде во дворот во родната Авдела, ја означија ерата на македонскиот филм. Емотивните кадри во нивниот пионерски подвиг, се направени во 1905 година, со 35 мм филмска камера „Bioscope Но.300“, во производство на Charles Urban Trading Co.
Тие продолжиле да снимаат панаѓури и свадбени и верски обреди, а три години подоцна, во 1908-та, на филмската лента ја ставиле и Младотурската револуција. На оваа тема изработиле три црно-бели документарци: 4-минутниот „Парада по повод Хуриетот“, 2-минутниот „Манифестации по повод Хуриетот“ и „Манифестации по повод Младотурската револуција“, кој исто така, трае само две минути.
Покрај важните историски моменти, Манакиевци правеле снимки и од народните обичаи во земјата, танците, сцените од секојдневието… Во 1911 година, тие снимиле и три репопртажи. Првата е за посетата на турскиот султан Мехмед V Решад на Солун и Битола, втората за доаѓањето на романската делегација во Битола, Гопеш и Ресен, и третата за погребот на гревенскиот митрополит Емилијанос. 10 години подоцна, во 1921-та, браќата ја направиле и првата филмска проекција во дворот на нивното кино „Манаки“ во Битола…Во 1923 година, македонската историја на филмот продолжува со Арсениј Јовков, по чие сценарио е снимен 10-минутниот документарец „Македонија“, финансиран од Илинденската организација. Филмот е поделен на два дела, а неговата цел била одбележување на 20-годишнината од Илинденското востание. За жал, сочуван е само првиот дел. Тој содржи фотографии и информации за македонските револуционери и за нивните родни места. На 2-ри август, снимено е пренесувањето на саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од куќата на Михаил Чаков кон катедралната црква Света Недела во Софија, каде тие биле погребани.
1935-тата, на сцена стапува доајенот на македонската документаристика и фотограф, Благоја Дрнков, со аматерскиот документарец „Католичка процесија“. Станува збор за црковен чин, претставен во шест филмски кадри. Процесијата се движи од Плоштадот кон Железничката станица во Скопје. Во кадрите, меѓу другото, се гледаат и Ристиќевата палата и Офицерскиот дом. Во овој период е снимен и филмот „Борба со петли“, на Никола Хаџи-Николов во соработка со Дрнков. Не е зачувана ниту една копија од него.
Три години подоцна, дел од македонската филмографија стануваат и прилепчанецот Кирил Миноски и охриѓанецот Благоја Поп-Стефанија. Во 1938 година, двајцата пријатели реализирале три кратки филмови со 8 мм камера „Мовекс“. Миновски е заслужен за „Противпожарно друштво во Прилеп“ и „Деца крај езерскиот брег“. Првиот негов филм се состои од 53 кадри, а вториот од 8. Поп-Стефанија пак, го снимил филмот „На плажа“, составен од само 4 кадри.
Истата година, Дрнков го изработил аматерскиот филм „Свадбата на Ферчо Стојанов и Вера Глигорова“. Преку 7 кадри, во него е прикажана типична свадбарска прошетка на младенци и сватови во Штип. Во еден од нив се појавува и поранешниот претседател Киро Глигоров, чија сестра е невестата во филмот.1939 е исто така, година на Благоја Дрнков. Тогаш ги реализирал филмовите „Едриличарски митинг“ и „Бомбардирана Битола“. Првиот е филмски запис за едриличарскиот митинг одржан 1939 година на Зајчев рид, Скопје. Тој содржи стотина кадри од целата манифестација. Вториот документарец, изработен во 20 филмски кадри, зборува за последиците од бомбардирањето на Битола, преку траорна слика од урнатини, потиштени лица кои чекаат во редици за парче леб…
Во периодот помеѓу 1939 и 1940 година, македонската кинематографија станува побогата за уште еден авторски документарец. Снимен е 11-минутниот колор филм „Галичник“ на познатиот кумановски фотограф, Сифрид Миладинов. Во овој филмски запис, прикажано е како се враќаат печалбарите, претставени се убавините на Галичник и обичаите на Галичката свадба.Во 1940 година охриѓанецот Поп-Стефанија снима уште еден аматерски филм со 8 мм камера „Мовекс“. Станува збор за насловот „Слет“. Во него низ 13 кадри прикажан е фискултурен слет на кејот покрај Охридското езеро.
Во 1942-та, Дрнков изненадува со два нови филма: „Фудбалски натпревар меѓу Левски и Македонија“ и „Воен коњички натпревар“. Оваа година и пријателите Кирил Миноски и Благоја Поп-Стефанија уште еднаш ги здружуваат силите и го реализираат краткиот филм „Скијачи на Буково“.
По три години пауза, во 1945-та повторно доаѓа времето на Дрнков. Тој ги реализира филмовите: „Првомајска парада во Скопје 1945“, „Второто заседание на АСНОМ“, „Пречекот на Димитар Влахов во Куманово и Скопје“, „48-ма дивизија“ и „Свечено пуштање во употреба на железниот мост во Скопје“.1947 – реализирани се првите македонски документарни филмови во производство на „Филмско Скопје“. Во режија на Трајче Попов снимен е „Жито за народот“. Во него, тема е стопанството во Македонија во тој период. Вториот филм е „Во избори за нови победи“ на Дрнков, по сценарио на Коле Чашуле. Станува збор за првите избори за народни одбори во Македонија. Документарецот ја третира повоената изградба и културниот, просветниот и стопанскиот живот во земјата.
Година подоцна, во 1948-та се случува „Сточарството денес“, во продукција на „Вардар филм“. Тој е 8-минутен документарец режиран од Киро Билбиловски, за процесот на одгледување овци, преработката на млекото и производството на сирење и кашкавал. „Вардар филм“ застанува и зад „Идните чувари на народното здравје“ и „Пред октомвриските фестивали“ на Дрнков, „Низ Пиринска Македонија“ на Трајче Попов и „Илинден 1948“ на Ацо Петровски. Во 1949 година „Вардар филм“ продолжува со документарните филмови. Снимени се „Првиот конгрес на Комунистичката партија на Македонија“ на Трајче Попов и „11 Октомври“ на Благоја Дрнков.
Веќе наредната година, следуваат документарците „Радосно детство“ на Дрнков, „Народна техника“ и „Памук“ на Кочо Недков, „Пет години НРМ“ на Киро Билбиловски и „По долината на Вардар“ на Трајче Попов. Филмот на Дрнков, во 23 минути го претставува процесот на воспитување и начинот на забава кај децата. 14 минути покусиот филм „Народна техника“ на Недков, зборува за техничката култура и знаењето по ослободувањето. Во неговиот втор наслов, режисерот го прикажува производството на памук во Македонија, во работната задруга на селото Градошарци. Билбиловски пак, во 40 минути, ги обработува темите: здравство, образование, социјална грижа, земјоделско стопанисување, сточарство, односно сите достигнувања на земјата по добивањето на државноста, а во три минути подолгиот документарен филм на режисерот Попов, прикажан е развојот на регионот по течението на реката Вардар.Во 1951 година, македонската филмска индустрија брои нови 4 наслови. Снимен е документарецот „Културен живот во Македонија“, за кој режисерот Билбиловски добива награда за режија и камера, од страна на Владата на НРМ. Во 9 минути е прикажано одбележувањето на петгодишнината од Македонскиот народен театар и други културни институции и збиднувања. Оваа година е реализирано уште едно дело на Дрнков. Снимен е филм за изградбата на хидроцентралата Маврово, насловен „Маврово се гради“. И Трајче Попов изработува филм на иста тема. Во неговиот „Нашите први искри“ прикажани се активностите околу хидроцентралата во селото Тресонче, на реката Радика. Оваа година се појавува и „Свилен конец“ на Јово Камберски, филм за одгледување и индустриската преработка на свилениот кожурец.И 1952 – една од најважните години во историјата на македонската кинематографија. Продуцентската компанија „Вардар филм“ го сними првиот игран филм „Фросина“, во режија на Воислав Нановиќ, а по сценарио на Владо Малески. Во 79 минути, претставена е тешката судбина на македонската печалбарска жена, која ќе остане без своите деца… Во главните улоги се: Мери Бошкова, Петар Вељановски, Ацо Јовановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко и Илија Џувалековски. Филмот премиерно е прикажан на 28 јуни во скопското кино „Култура“.
Покрај „Фросина“, оваа година се снимени и документарните филмови „Бели мугри“ на Трајче Попов и „Со бродот Македонија од Риека до Њујорк“ на Благоја Дрнков.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.