Филм: Кампања (The Campaign)
Нека победи подобриот губитник
Режија: Џеј Роуч
Улоги: Вил Ферел, Зак Галифијанакис, Џејсон Судекис
Времетраење: 85 минути
Јазик: англиски
Премиера: 10 август 2012
Жанр: комедија
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Во недостаток на креативност во жанрот комедија во последните неколку години, политичката сатира успева да го пробие својот пат. По „Диктаторот“ (The Dictator) на Саша Барон Коен, којшто ја исмејуваше меѓународната политичка состојба, „Кампања“ (The Campaign) прави пародија од борбата за освојување на гласачите внатре во земјата. А, таа кампања е толку валкана што сама по себе е трагикомична.
Работите во филмот изгледаат уште потрагични ако се знае дека борбата се води на локално ниво, помеѓу двајца кандидати за Конгресот кои се борат да ја добијат поддршката во еден дистрикт во Северна Каролина. Веќе четири мандати таму суверено владее демократот Кем Брејди (Вил Ферел), но тој не им одговара на браќата Моч, моќни бизнисмени кои поседуваат многу фабрики во Кина. Тие ќе посакаат да стават свој човек на власт за да го префрлат капиталот во САД и да прават работи кои инаку не би можеле да ги прават. Затоа во изборната трка ќе го уфрлат наивниот Марти Хагинс (Зак Галифијанакис), син на поранешен републикански конгресмен. Тој, без да знае за овие планови и сакајќи да го направи горд својот татко, бргу ќе се впушти во изборите.
Марти живее едноставен и чесен живот кој ќе се смени преку ноќ поради потребата да се спушти на многу ниско ниво на борба, а при тоа да блеска пред гласачите. Кога во таквата кампања работите ќе почнат да излегуваат од контрола следуваат неколку урнебесни моменти кои произлегуваат од самиот стил на политичката битка, но и од двајцата актери кои ги толкуваат главните улоги. Вил Ферел и Зак Галифијанакис во своите филмови играат ликови кои многу наликуваат еден на друг, па ако сте ги гледале ќе знаете и овој пат што да очекувате од нив. За среќа, тие два карактери сега се одлично споени во еден филм и добро се надополнуваат.
Веројатно ваквите настани во филмот ви изгледаат многу познато… од некаде. Но ако поради тоа се двоумите дали да го гледате, имајте предвид дека оваа едноставна комедија толку многу ги исмејува политичарите и нивната некултура што сигурно ќе ве насмее. Не е од рангот на „Диктаторот“ и малку е предвидлива, но ако ви е потребна забава и релаксација со лесен филм, овој ќе ви заврши работа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.