„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор - Part 2

„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор

ЗА ПРИЈАТЕЛСТВОТО

Несомнено е дека ликот Веле поминува низ многу тежок животен период, но сигурно би му било илјадници пати потешко кога не би го имал покрај себе својот пријател Џем (Аксељ Мехмет). Само вистинското пријателство може да ги разведри и најмрачните денови, а со тоа се согласува и Благој.

„Веле и Џем, но и Благој и Аксељ се пример дека постојат вистински другари. Во изминатите години многу луѓе си ги покажаа вистинските лица и тоа е убаво, оти искрените се одвоија од лажните“, признава Благој.

„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор

ЗА ЗДРАВОТО СЕМЕЈСТВО

Веле, иако е трудољубив и посветен млад човек, не успева да се реализира до крај како последица од трагичното минато што не му дава мир. Татко му, кој тоне во сопственото каење наместо да се посвети на единствениот син, е исто така заслужен за неговата фрустрација. Мора да признаеме дека понекогаш родителите несвесно го попречуваат успехот на своите деца. Но, Благој верува дека може да се спречи оваа појава.

„Сиромаштијата и транзицијата го изместија здравото семејство. Македонија стана анксиозна и неподнослива. Очајот не бираше кого ќе повлече во бездна и, за жал, тоа понекогаш беа и нашите деца. Имаме време и надеж за рехабилитација, но мора брзо и вистински да реагираме“, заклучува Благој.

И покрај неговите недостатоци и погрешни одлуки, Веле е лик кој не се откажува, дава сѐ од себе, а истото се обидува да го направи и Благој. „Со Веле научивме многу за зборот љубов“, вели Благој, а сигурно и вие ќе го добиете истиот впечаток по гледањето на филмот.

Симона Димковска: „Ние сме резултат на сето она што ни се случило во минатото“

Симона го игра ликот на Јана, која иако е поранешна девојка на Веле, сепак и понатаму претставува важен дел од неговиот живот. Погледнете за момент низ очите на Симона, која ни разјасни дел од најважните теми опфатени во „Исцелител“…

ЗА ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ ВО МАКЕДОНИЈА

Јана работи како медицинска сестра во државна болница, на која работата ѝ станала здодевна рутина, барем така ја доживеала Симона додека траело снимањето. Па така, една од главните теми што ги обработува филмот е здравствениот систем во Македонија. Слободно можеме да кажеме дека „Исцелител“ е веродостоен приказ на македонското здравство, а истото го мисли и Симона.

„Незадоволството на Јана од нејзината работа произлегува од начинот на кој функционира, односно не функционира здравствениот систем кај нас. За жал, многу пати сум го искусила тоа на своја кожа и дојдов до степен каде веќе ништо не земам здраво за готово. А одењето на лекар го преживувам на сличен начин како ликот на Саздо, таткото на Веле. Лично сметам дека ’Исцелител’ покажува многу повеќе од една реална слика на нашето здравство, всушност без цензура ја прикажува суровата вистина за тоа како стојат работите кај нас“, објаснува Симона.

„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор

ЗА ДЕМОНИТЕ ОД МИНАТОТО

Ликот Јана е поранешна девојка на главниот лик Веле и нивната врска нема среќен крај поради неговата опседнатост со минатото. Во овој случај, очигледно е дека демоните од минатото имале големо влијание на нивната тажна љубовна приказна. Според Симона, сите ние на некој начин сме резултат на она што ни се случило во минатото.

„Опседнатоста со нешто што ни се случило (најчесто нешто лошо) нѐ закочува на секое поле во животот и така тапкаме во место и тонеме. Неминовно е да го носиме тој товар од минатото понатака во животот и во врските што ги започнуваме. Сепак, индивидуално е дали тој товар со тек на време свесно или несвесно ќе му го наметнеш и на партнерот или ќе успееш да се избориш и сам да се носиш со тоа, без да го згушиш партнерот. Многу почест е првиот случај и токму поради тоа многу врски се распаѓаат без да добијат шанса вистински да почнат“, открива Симона.

ЗА ЖЕНСКИТЕ ЛИКОВИ ВО ФИЛМОВИТЕ

Доколку сте го гледале филмот, сигурно сте забележале дека во него речиси воопшто нема женски ликови. Можеби дури и сте се запрашале зошто е тоа така. Колку филмови сте гледале досега што имале силни и нетипични жени како главни ликови? Зошто жените во филмовите најчесто се претставени како „дами во неволја“ кои треба да бидат спасени? Симона ни го откри нејзиното мислење на оваа тема.

„Реалноста е дека женски ликови имало и сѐ уште има многу помалку од машки, особено во македонските филмови. И најчесто, доколку ги има, тие се во позадина или вршат некоја мала функција. Во последниве години тоа почна да се менува и кај нас. Се појавија млади режисерки кои сакаат да раскажат женски приказни, а и веќе докажани режисери ја отвораат оваа тема. Еден таков пример е филмот ’Три дена во септември’ на Даријан Пејовски каде приказната се расплетува помеѓу два женски главни лика“, изјави Симона.

„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор

ЗА МЕДИЦИНСКАТА МАРИХУАНА

Во филмот, Веле се обидува да ги ублажи болките на татко му со помош на марихуана. Не е тајна тоа дека според некои луѓе, вистинските лекови за најстрашните болести се кријат во природата. Многумина сметаат дека синтетичките лекови се измислени за збогатување на фармацевтската индустрија, а оттука произлегува и верувањето дека марихуаната навистина може да излечи сериозна болест како што е ракот, но тоа намерно се крие од јавноста. Сепак, Симона одбира да верува во фактите.

„До вистината тешко се доаѓа, особено денес кога сме преплавени со милијарда информации за сѐ и сешто. Сепак, секој одбира во што ќе верува и на кој начин ќе се лекува. Постојат факти кои потврдуваат дека со медицинската марихуана успешно се третираат многу болести, како што се некои видови на рак, епилепсија, Алцхајмерова болест, мултиплекс склероза, хронична болка и многу други за кои испитувањата се во тек“, верува Симона.

Без ронка лажна скромност Симона Димковска тврди дека навистина имаме добар филм, кој е далеку поинаков од стереотипниот македонски филм. „Исцелител“ е „комплетно емотивна социјална драма во која секој барем на момент ќе се препознае себеси или некој свој близок“, завршува Симона.

После сето ова што го прочитавте, сигурни сме дека со нетрпение ќе ги посетите нашите кино сали за да го пробате овој вкусен колач со натприродни моќи. „Исцелител“ е филм што ќе ви ги отвори очите за општеството во кое живееме и работите што се случуваат околу нас, но и ќе ве предизвика да ги преиспитате сопствените одлуки и избори. Заедно со Симона и Благој ве покануваме на филмско исцелување со доза здрав хумор!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар