„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор

„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор

„Тестото што го ’замеси и испече’ Ѓорче Ставрески и ни даде да го проголтаме, нѐ остави сите со солзи, насмеани, по малку откачени, а најмногу трогнати.“ – Синоличка Трпкова, актерска легенда и професор

Зборовите на професорката Трпкова совршено ја срочуваат бурата на емоции што ќе завладее со вас по гледањето на извонредниот филм „Исцелител“. Станува збор за вистинско освежување во светот на македонскиот филм, кој со својот црн хумор успева да продре до сите клетки на гледачите и на суптилен начин да ги разбуди сите нивни мисли, емоции и грижи што никогаш не добиле можност да избијат на површина. Ќе се смеете и ќе сочувствувате со ликовите додека го гледате филмот, но по напуштањето на кино салите, ќе потонете во длабоки самоанализи и размислувања поврзани со состојбата на нашето општество и воопшто целото човештво.

„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор

Режисерот Ѓорче Ставрески успешно опфаќа повеќе значајни теми што нѐ засегаат сите нас и успева да ги „спакува“ во помалку од 2 часа, секако со помош на внимателно одбраната актерска екипа, сочинета од Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксељ Мехмет, Александар Микиќ, Симона Димковска и Мирослав Петковиќ во поглавните улоги. Не може да се оспори фактот дека станува збор за одличен филм, а доказ за тоа е и неговото учество на Солунскиот интернационален филмски фестивал, каде што „Исцелител“ освои главна награда од публика, а пред неколку дена, филмот беше прикажан и на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот, „Црни ноќи“ во Талин. Моментално, филмот можете да го погледнете во кината Милениум и Синеплекс.

Главниот лик Веле (Благој Веселинов) е механичар од железничко депо кој има една единствена цел: Да му помогне на таткото болен рак (Анастас Тановски). Но, немајќи пари да ги купи потребните лекови, тој презема очајни мерки и се вмешува во сериозен криминал, односно почнува да прави колач од украдена марихуана за да ја олесни маката на татко си. Нештата се комплицираат кога криминалците ќе почнат да го бркаат, а соседите ќе почнат да го гледаат како нивен исцелител и ќе го притискаат да им ја каже „тајната состојка“. Меѓутоа, ова е само првиот, очигледен слој на филмот, а под површината се кријат уште многу други тајни и теми што ја градат суштинската идеја на ова филмско остварување.

„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор

Со цел да го почнеме „раслојувањето“ на филмот „Исцелител“, ние поразговаравме со Благој Веселинов, актерот што го толкува главниот лик Веле и Симона Димковска, која се појавува во улогата на неговата поранешна девојка, Јана. Тие ни ги открија главните теми со кои се занимава овој филм, нивното мислење за нив и нивните лични впечатоци за целокупниот проект.

Благој Веселинов: „Со Веле научивме многу за зборот љубов“

Како што веќе споменавме, Благој Веселинов го игра главниот лик Веле, кој е многу комплексен лик и претставува појдовна точка за развој на сите заплети и конфликти во филмот „Исцелител“. Благој ни го открива неговото мислење за главните теми што се опфатени во филмот…

ЗА ВЕРБАТА ВО ИСЦЕЛИТЕЛИ

Во недостиг на парични средства за да ги набави потребните лекови, Веле наоѓа надеж во алтернативната медицина и веднаш гледаме како тој бара помош од така наречен исцелител, а потоа и самиот ја добива истата титула. Според Благој, Македонците навистина веруваат во волшебните моќи на исцелителите.

„Се покажа дека Македонците повеќе веруваат во исцелители отколку во здравството, зашто распаднатото здравство и не е некоја утеха за болниот. Народната медицина знае да помогне, но прашање е дали може да исцели. Јас лично не им верувам на исцелителите“, ни откри Благој.

„Исцелител“: Благој Веселинов и Симона Димковска ве покануваат на филмско исцелување со доза здрав хумор

ЗА СИРОМАШТИЈАТА

Во филмот гледаме како Веле презема некои очајни мерки за да се справи со неговата животна ситуација, а една од нив е трговијата со дрога. Но, кој е главниот виновник за лошите одлуки на младите?

„Сиромаштијата ги уништи основните човечки вредности. Потребата од брзи пари и недостигот на образование се главните причинители. Мора да го смениме односот кон општеството и секој ќе мора да почне од себе“, објаснува Благој.

Продолжува на следната страница


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар