Филм: Животот на Пи (Life of Pi)
Сами избираме во што ќе веруваме
Режија: Анг Ли
Улоги: Сурај Шарма, Ирфан Кан, Адил Хусеин
Времетраење: 127 минути
Јазик: англиски
Премиера: 21 ноември 2012
Жанр: авантура, драма
Наша оценка: 10/10
Ваша оценка:
Ако сте ја читале книгата „Животот на Пи“ (Life of Pi) од Јан Мартел, заборавете на сите слики кои вашата имагинација ги создала за време на читањето. Екранизацијата на режисерот Анг Ли е магија која може да ја надмине фантазијата на многу читатели. Спектакуларните визуелни ефекти во 3Д техника лесно ќе ве внесат во свет каков што не сте посетиле досега. Задоволството од следењето на овој празник за очите ќе трае додека го гледате филмот, ќе трае и долго после тоа. Но, кога ќе дојдете до неговиот крај ненадејно ќе ви ги плесне в лице силните пораки што ги носи и оттогаш тој за вас ќе се претвори во незаборавно духовно патување.Во воведот во таа авантура еден писател се среќава со Пи Пател затоа што слушнал дека има да му раскаже извонредна приказна според која може да напише книга. Пи ќе му вети дека ќе му ја раскаже, но и дека на крај ќе го убеди да верува во Бог. Почнувајќи од детството и адолесценцијата, кога практикувал три религии одеднаш во желба подобро да го запознае Бог, стигнува до кулминацијата кога останува сам на сред Пацификот во еден чамец заедно со тигар.Неговото семејство поради финансиски проблеми ќе мора да ја затвори зоолошката градина што ја поседува и да се пресели во Канада. Со себе ќе ги понесат животните од зоолошката затоа што таму можат да ги продадат поскапо, но нема да стигнат до ветената земја откако бродот со кој патуваат ќе потоне поради бура. Пи е единствениот човек кој ќе преживее благодарение на чамецот за спасување, а во него друштво ќе му прават зебра, орангутан, хиена и тигар. За кратко време животните ќе се испоубијат меѓу себе и ќе останат само Пи и тигарот. Нему не му останува ништо друго освен да си направи мал сплав врзан за чамецот каде што ќе ги смести залихите од храна и вода за пиење и ќе биде безбеден.Предизвикот со кој главниот јунак понатаму се соочува на сред океан е психолошката војна помеѓу него и тигарот за тоа кој ќе има повеќе храброст и надеж за да преживее подолго. Во таа битка една во друга се прелеваат две паралелни приказни со истата драма и истите ликови: едната е буквално таква каква што ја гледате на екранот, а во другата животните се алегорија на човечки карактери. Самите одбирате во која од нив ќе верувате.
„Во животот е важно да расчистиш со работите како што треба. Само тогаш можеш да се помириш. Во спротивно, ти остануваат зборови кои требало да ги кажеш, но никогаш не си ги кажал, а на твоето срце му тежи грижа на совест“. – Пи Пател.
Овој избор го правите дури на крајот. Тоа не го прави филмот тежок за следење и лесно ќе го разберете. Не е комплициран, доста јасно ги пренесува пораките, а особено ќе им се допадне на љубителите на литературата. Темите што ги обработува се слични на оние од делата на Херман Хесе и Пауло Коелјо, така што нивните фанови не би требало да се двоумат дали да ја изгледаат екранизацијата на „Животот на Пи“.
„Претпоставувам дека на крајот целиот живот се претвора во чин на помирување, но секогаш најмногу ме боли тоа што не сум имал можност да се збогувам (со минатото)“. – Пи Пател
Дополнителен мотив мора да бидат и техничките карактеристики на овој филм. Собра неколку Оскари, меѓу кои за најдобра режија, за кинематографија и визуелни ефекти. Оној последниот е резултат на живописните кадри кои се плод на најдобрите филмски визуелни ефекти кои светот ги видел досега. Едноставно, „Животот на Пи“ допира до сите сетила до кои може да допре еден филм, особено ако го гледате во 3Д. Ќе треба да почекаме некое време пред да се појави некое слично вакво остварување.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.