Филм: Војна на ѕвездите: Последниот џедај (Star Wars: The Last Jedi)
Која е Реј? Од што се плаши толку Лук Скајвокер? Дали Отпорот ќе успее да го одбие нападот на Првиот ред?
Режија: Рајан Џонсон
Улоги: Дејзи Ридли, Марк Хамил, Кери Фишер, Џон Бојега, Оскар Ајзак, Кели Мери Тран, Адам Драјвер
Времетраење: 162 минути
Премиера: 15 декември 2017
Јазик: англиски
Жанр: акција, авантура, фантазија
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
За вистинските, долгогодишни љубители на оваа франшиза, новото продолжение ќе биде исполнување на соништата. „Последниот џедај“ е нешто што сите ние долго време го чекавме и без сомнение, ни ги надмина сите очекувања. Центарот на овој филм е идејата за продолжување понатаму, за оставање зад себе на сите оние стари, тешки товари што само нè влечат наназад со цел храбро да освојуваме нови, непознати територии што никогаш не сме мислеле дека сме способни да ги достигнеме.
Реј (Дејзи Ридли) продолжува со својата мисија да открие која е и каде се наоѓа во светот на Силата, и нема да дозволи ништо да ја сопре. Таа едноставно не прифаќа „Не“ за одговор, па дури и по постојаното одбивање на Лук Скајвокер (Марк Хамил) да ѝ помогне, таа упорно ќе се обидува да му докаже дека е вредна за неговото внимание. И не само она, туку сите оние што се борат за опстанок против Првиот ред, сите оние што се без глас и без место во овој свет, сите оние што се држат за конец за својот живот.
Лук и Реј се судир на старото и новото. Лук го претставува сè она што некогаш било, а Реј – сè она што има потенцијал да се развие. Заедно, тие создаваат незаменлива комбинација која конечно може да предизвика некаква промена. Леа (Кери Фишер) пак, е единствениот сјаен претставник на надежта, искрата која е потребна за да се разгори огнот. Без неа, Отпорот едноставно не би можел да опстане, ниту пак би бил тоа што треба да биде за конечно да се воспостави некаква рамнотежа во галаксијата.
Тука се и Фин (Џон Бојега) и По (Оскар Ајзак), како и Роуз (Кели Мери Тран), кои ја претставуваат новата генерација борци за слобода – секој од нив е уникатен и посебен лик, со свои маани и доблести, без чие присуство едноставно нештата би стоеле во место. Тие на некој начин се исти како младите Хан Соло, Чубака и Леа, но истовремено и толку различни што делува како да се дел од некој сосема друг свет. Можеби токму тоа и е потребно за конечно да се случи некаков пресврт?
Од другата страна, односно на темната страна, јасно се гледа битката што Кајло Рен (Адам Драјвер) ја води со себе по убиството на татко му. Но и покрај тоа што одвреме-навреме може да се забележи светла искра во неговите очи, душата му е одамна изгубена во темнината. Сноук (Енди Серкис) почувствувал во него нешто за што секој Сит сонува, и во овој филм ќе го видите тоа во полн сјај. Сепак и тој мора да остави многу зад себе, и да почне ново поглавје, за во целост да ѝ се предаде на темната страна.
Како што спомнав на почетокот, овој филм е вистинско остварување на соништата. И иако трае 2 часа и 32 минути, по последната сцена ќе бидете толку полни со енергија, што нема да можете да си го смирите мозокот ни во следните 162 минути. Сепак, имајте на ум дека иако „Последниот џедај“ дава одговор на неколку клучни прашања, многу нешта остануваат недоговорени. Всушност, со ова продолжение се отвораат многу нови прашања, за кои ќе мора да чекаме одговор цели 2 години! Во секој случај, тоа нема да ве спречи да го изгледате филмот уште 100-тина пати до тогаш!