Филм: Ветена земја (Promised Land)
Дали сè си има своја цена?
Режија: Гас Ван Сант
Улоги: Мет Дејмон, Френсис МекДорманд, Хал Холбрук, Џон Красински
Времетраење: 106 минути
Јазик: англиски
Премиера: 4 јануари 2013
Жанр: драма
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Досега можеби сте чуле за „Ветена земја“, но ако тоа не е случај виновен е само слабиот маркетинг кој беше опструиран од компаниите кои се бават со експлоатација на природен гас кои не сакале широка публика да го види филмот. Иако пред снимањето беше најавуван како потенцијален голем хит, уште пред да се појави се соочи со невидена антикампања поддржана од енергетскиот сектор во САД. Тие излегоа со предупредување до публиката дека овој филм „непотребно ќе ја зголеми загриженоста околу хидрауличното разбивање“, спорен метод на експлоатација на природен гас кој го применуваат некои компании, а кој носи големи еколошки и здравствени ризици.Стив Батлер (Мет Дејмон) воопшто не се сомнева во хидрауличното разбивање. Тој потекнува од мало гратче во рурална Америка многу слично на она во кое треба да ја изврши задачата со колешката Сју Томасон (Френсис МекДорманд), каде што се пратени од големата компанија Глобал за да ги убедат локалните жители да го продадат своето земјиште на компанијата која сака тука да експлоатира природен гас.Гратчето полека пропаѓа во неможност економски да се издигне, луѓето стануваат сè посиромашни, а тој е убеден дека оди таму за да им донесе милиони кои ќе им го сменат животот. Кога оди од врата на врата кажувајќи им ги примамливите бројки на локалните жители се чини дека ја има најлесната задача на светот. Така ќе биде сè додека на еден граѓански собир професор од средното училиште не го покрене прашањето за еколошките последици од процесот на ископувањето, по што ќе решат прашањето да го стават на гласање после три недели.Тоа делува само како мала сопка за Стив и Сју, но станува сериозен проблем кога ќе се појави Дастин (Џон Красински), млад еко-активист кој израснал на фарма која денес не постои затоа што ископувањата на Глобал довеле до еколошка катастрофа која убила сè наоколу. Тогаш следуваат тешкотиите за нив, а таа драма ја следиме низ призма на Стив, кој поради своето потекло сочувствува со локалното население и прави сè за да го убеди дека продажба на нивните имоти е оној економски пресврт кој беспомошно го очекуваат од животот, но во исто време мора да се бори со агилниот еко-активист, чии докази делуваат несоборливо.Тоа што дејството е дадено низ перспективата на главниот лик веројатно го скратува задоволството да се доживее поголема драма низ самото дејство. Сепак, и такво какво што е, сигурно ќе биде доволно за да ве држи заинтересирани пред екранот, и самите прашувајќи се која од двете опции е подобра: отстранувањето на секаков еколошки и здравствен ризик или парите кои ги носат толку посакуваните промени на подобро. Поради тоа „Ветена земја“ е филм кој заслужува внимание и кој со голема веројатност по завршувањето ќе ве остави да размислувате за прашањата кои ги третира.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.