Филм: Вероника Марс (Veronica Mars)
Лесна детективска приказна
Режија: Роб Томас
Улоги: Кристен Бел, Џејсон Доринг, Енрико Колантони
Времетраење: 107 минути
Јазик: англиски
Премиера: 14 март 2014
Жанр: криминалистика
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
„Вероника Марс“ е продолжение на истоимената серија чие емитување завршило во 2004 година. Во случај да сте ја пропуштиле, треба да знаете дека Вероника Марс е средношколка во мало гратче во Калифорнија која решава комплицирани детективски мистерии додека му помага на својот татко детектив.
Дејствието во филмот продолжува десет години по матурата, кога таа веќе се преселила во Њујорк, каде што има стабилна врска, работи како адвокат, а има и одлична понуда да се приклучи кон една голема адвокатска фирма. Но, токму тогаш добива повик за помош од својата средношколска љубов. Тој е осомничен за убиство на неговата девојка, а и покрај многуте понуди од повеќе различни адвокати најмногу ѝ верува на Вероника и смета дека таа може да го извади од проблемите во кои се наоѓа.
Сигурно оттука веќе почнувате да претпоставувате во која насока ќе се движи филмот, но не очекувајте клишеа. Тој личи на епизода од ТВ серија, така што на почетокот се случува убиство, потоа се бара виновникот, а мистеријата се разрешува дури на крај. При тоа, не е напнат како некои трилери, нема некои големи пресврти, туку е забавен и лесен за следење. Покрај тоа, за пофалба е и изведбата на главната актерка Кристен Бел, која нејзиниот лик го прави многу допадлив. Филмот и онака е интересен, но главниот лик му го дава оној шмек кој го прави еден од оние со кои би сакале да се опуштите.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.