Филм: Воркрафт: Почеток (Warcraft: The Beginning)
Царството Азерот е на работ од војна како што неговата цивилизација се соочува со страшните воини – орките, кои се обидуваат да го напуштат својот уништен свет и да колонизираат нов
Режија: Данкан Џоунс
Улоги: Травис Фимел, Пола Патон, Бен Фостер, Доминик Купер, Тоби Кебел
Времетраење: 123 минути
Премиера: 9 јуни 2016
Jазик: англиски
Жанр: акција, авантура, научна фантастика
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Воркрафт е создаден за уживањето и задоволството на фановите на оригиналната видео игра. Позајмува бројни имиња, концепти па дури и специфични локации од изворниот материјал, паралелно успевајќи да претстави еден безграничен мултиплеер систем, кој веќе со години се истражува, во форма на генерички, општ наративен режим.
Етапите на драмското дејство се одвиваат во редослед, разработувајќи ја идејата на првиот контакт и последично конфликтот помеѓу орките и луѓето, помеѓу преживувањето и традицијата и за прашањето колкав дел вреди да се изгуби од себе, за да се продолжи да се живее. Воркрафт е филм во чија приказна никој не ја зема улогата на традиционалниот филмски злобник и никој не е бестрашниот херој. Сите имаат своја гледна точка во која сечиј мотив може да се оправда.
Орките се воена раса чии сила и смелост се отсликуваат во нивната брутална природа и борбените извици. Главниот протагонист, Дуротан (Тоби Кебел), е рамнотежа на суровото и чесното – кога не војува, поглаварот говори со изразита човечност и хуманост кои стојат како контраст на неговото потекло и појава. Така, филмскиот портрет на орките, освен што е верен на оригиналната приказна, иронично произведува ликови со кои многумина би се идентификувале многу повеќе отколку со луѓето.
Луѓето пак, земајќи ја одбранбената позиција, се попрепознатливи, но не и повеќе интересни од своите противници. Во првите борбени редови се истакнува Лотар (Травис Фимел), кој стои како човечка паралела на Дуротан и заедно со надарениот волшебник Кадгар (Бен Шнецер), се бори со една цел во мислите – да го заштити кралот, а со тоа и својот род, од злобниот Гулдан (Даниел Ву). Како „златната средина“ се издвојува Гарона (Пола Патон) – половина орка и половина човек, чија судбина е да донесе мир помеѓу двете раси.
Филмот е визуелна гозба каде ниеден ефект не е ниту вишок, ниту недостасува, а со своите пејсажи и композициски богата музика потсетува на омилените авантуристички филмски класици. Како и последните научнофантастични акции, Воркрафт ја следи долго практикуваната холивудска формула на драмски развој: Морална дилема, општествено важни теми, фантастична компјутерска технологија и неразрешено дејство, што ја држи публиката во неизвесност и ја подготвува за идните продолженија.
Со цел подобро да ја раскаже приказната, филмот свесно го изоставува оној партиципативен елемент којшто ги претставува светските играчи чии лични авантури, искуства и внимателно создадени ликови даваат живот на базичниот, структурен концепт. Како резултат гледаме филм со низа очекувани бајковити елементи каде големата победа не е толку слатка, одмаздата не носи задоволство, и каде дури и најхеројските дела се прават под сенката на предавството.
Создаден под амбициозната режија на Данкан Џоунс, Воркрафт може да се нарече паметна студија на случај од еден уникатен филмски работник кој се обидува да го направи својот глас силен, слушнат и прифатен во моторот на големата, корпоративна продукциска машина.
Значи Филмот беше феноменален. Го гледав уште на 1 Јуни, CGI ефектите беа премногу реалистички. Можеби орките повеќе се вклупуваа во CGI отколку луѓето, но одлични ефекти. Вредеа годините поминати во чекање.
Согласни сме и ние 🙂