Филм: Уништување (Annihilation)
Биолог тргнува во опасна, тајна експедиција во мистериозна зона каде што законите на природата не важат
Режија: Алекс Гарланд
Улоги: Натали Портман, Џенифер Џејсон Леи, Тува Новотни, Џина Родригез, Теса Томпсон, Оскар Ајзак
Времетраење: 115 минути
Премиера: 23 февруари 2018
Јазик: англиски
Жанр: авантура, фантазија, драма
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Постојат многу причини зошто овој филм не стигна до кино салите ширум светот, но една од најважните е онаа дека контролната публика не ја разбрала приказната, а режисерот одбил да ја поедностави. Според првичните впечатоците, филмот бил доживеан како премногу интелектуален и прекомплициран за да се пушти за пошироката јавност, па бил склучен нов договор за негова дистрибуција со Нетфликс. Ќе го искористам овој момент да му се заблагодарам на режисерот што успеал да се избори за филмот, бидејќи приказната што ја добивме е една од најдобрите во својот жанр!
Како еден од најголемите зависници од Нетфликс (единствената „телевизија“ што ја гледам), мора да признам дека одбивав да го гледам овој филм само затоа што не сум фан на Натали Портман. Но, упорното рекламирање од страна на Нетфликс ме натера да пуштам трејлер, кој пак инстантно ме освои и веднаш го пуштив и самиот филм. По тоа следуваа можеби најдобро искористените два часа во мојот живот. Од изборот на актерите (вклучувајќи ја и Натали Портман) и локациите за снимање, до специјалните ефекти и текот на приказната – едноставно не постои нешто што би сакала да се смени за филмот да биде подобар во моите очи. Тој е совршен таков каков што е. Сега останува само уште да ја прочитам книгата со истото име што стои зад овој филм.
Приказната е раскажана преку очите на биологот Лина (Натали Портман), која ќе тргне во самоубиствена мисија за да открие што се случило со нејзиниот сопруг, Кејн (Оскар Ајзак). Таа, заедно со психологот д-р Вентрес (Џенифер Џејсон Леи), геоморфологот Кес (Тува Новотни), докторката Ања (Џина Родригез) и физичарката Џоузи (Теса Томпсон) ќе влезат во област на планетата Земја што е позната како „Светкање“ (го добила ова име бидејќи од надвор изгледа разнобојно и како да светка). Луѓето долго време се обидуваат да разберат што се случува во оваа област, која секојдневно се шири, бидејќи ако продолжи со тоа темпо, може да ја проголта целата Земја. Но, иако многу волонтери влегле, ниту еден досега не излегол.
Патот низ Светкањето нема да биде воопшто едноставен. Петте девојки ќе влезат во сосема поинаков свет каде што не важат законите на природата. На моменти, овој свет ќе биде прекрасен… друг пат, тој ќе биде најстрашното и најморничавото место што некогаш сте го виделе. Бидете подготвени за уживање во прекрасните пејзажи, но и за соочување со ужас кој нема да биде лесен за заборавање. Исто така, музиката низ целиот филм е толку моќна, што некои мелодии ќе ви се „заглават“ длабоко во умот, па со денови нема да можете да ги исфрлите од себе.
Со неколку зборови, ако сте љубители на жанрот фантазија, ако сакате да истражувате мистериозни и необјасниви појави на планетата Земја, како и да се соочите со можеби најголемата закана за човештвото – тогаш овој филм и за вас ќе биде еден од најдобрите што некогаш сте ги гледале. Сепак имајте на ум дека приказната не е типично холивудска драма што е лесна за гледање, па ќе треба да се внесете целосно за да можете да ги следите сите детали и да ја разберете приказната.