Филм: Шпионот што ме откачи (The Spy Who Dumped Me)
Одри и Морган се најдобри пријателки коишто ќе бидат вовлечени во интернационален заговор откако една од нив ќе дознае дека момчето што ѝ раскинало било шпион
Режија: Сузана Фогел
Улоги: Мила Кунис, Кејт МекКинон, Сем Хјуан
Времетраење: 116 минути
Премиера: 09 август 2018
Јазик: англиски
Жанр: акција, комедија
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Станува збор за комедија што е преполна со акција (и многу насилство) и што наликува на филмовите како Бонд, Борн и Невозможна мисија, но во многу поурнебесна верзија. Дејството го следи неверојатното патешествие на две најдобри пријателки, Одри (Мила Кунис) и Морган (Кејт МекКинон), откако ќе западнат во шпионска војна. Филмот изобилува со „женска моќ“, па затоа и им го препорачуваме на девојките што сакаат да поминат забавна вечер заедно.
Како што насловот веќе ви кажува, Дру (Џастин Тероу) ја откачил Одри, и по заканата од нејзина страна дека ќе запали сè што е негово, тој набрзина се враќа назад за да земе нешто што скрил кај неа, но пред да успее во својата намера, го убиваат пред нејзините очи. На тој начин таа и дознава дека тој бил шпион, и дека мора да ја заврши неговата мисија.
Така и започнува најголемата трка низ Европа, каде што Одри и Морган мораат да избегнуваат голем број закани со цел да преживеат. Со оглед на тоа што ниту едната, ниту другата не се тренирани агенти или шпиони, тие навистина многу добро се снаоѓаат. Ќе наидете на многу вакви нелогичности во текот на филмот, но ако можете да замижете на нив, ќе добиете навистина забавно искуство што ќе ве насмее до солзи.