Филм: Роуг 1: Приказна од Војна на Ѕвездите (Rogue One: A Star Wars Story)
Бунтовничката алијанса прави ризичен чекор во обид да ги украде плановите за Ѕвездата на смртта, со тоа започнувајќи ја епската сага што следува
Режија: Гарет Едвардс
Улоги: Фелисити Џоунс, Диего Луна, Алан Тудик
Времетраење: 134 минути
Премиера: 16 декември 2016
Јазик: англиски
Жанр: акција, авантура, научна фантастика
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Постојат толку многу нешта што можат да се кажат за овој филм, што едноставно нема ниту доволно место, ниту доволно време за да се опфати сè. Најпрво, конечно го добивме одговорот на прашањето кој и како ја изградил Ѕвездата на смртта, но и како бунтовничката алијанса успеала да ги најде плановите кои подоцна ќе му помогнат на Лук Скајвокер да го уништи ова застрашувачко вселенско летало. Од друга страна пак, технологијата напредна до тој степен што нема ни да забележите дека еден од главните и клучни ликови во оваа приказна е целосно компјутерски изграден (актерот во реалноста е починат). Нема да ви кажеме кој е, за да не ви го расипеме уживањето!
Што се однесува до самата приказна, овој филм ни го претставува токму тоа што е потребно за да сфатиме како започнала финалната битка против Дарт Вејдер. Нема претерани холивудски моменти од типот празна акција и непотребно нагласување на специјалните ефекти на штета на логичниот тек на настаните. Филмот има цел да ни раскаже едно случување и тоа успешно го завршува. Од друга страна пак, иако повеќето ликови ни се непознати, сепак актерите добро ја завршија својата работа и ни помогнаа да ги пополниме дупките што беа создадени од оригиналната трилогија, притоа терајќи нè за само неколку часа да имаме нови омилени херои од универзумот на Војна на ѕвездите.
Дејството започнува во финалните моменти на изградбата на смртоносното оружје, и нè води низ сите настани сè до сцената со која започнува четвртата епизода – Нова надеж (A New Hope), каде што Леа се обидува да ги однесе плановите од Ѕвездата на смртта до Оби-Ван Кеноби. Станува збор за турбулентно возење и срцепарателни настани што не можат никого да остават рамнодушен, така што подгответе се за емоционален ролеркостер и многу солзи. Ако сте љубители на оваа приказна, едноставно нема да можете да бидете разочарани, но сепак имајте на ум дека станува збор за споредна приказна, со сосема нови ликови, па некои од вас можеби ќе почувствуваат како нешто да недостасува (како на пример, Милениумскиот фалкон).
Единственото нешто што многумина го доживеаја како негативно, вклучувајќи нè и нас, беше самиот Дарт Вејдер. Иако го видовме во само неколку кратки сцени, сепак не можеа да се почувствуваат неговите моќ и влијателност на коишто добро сме навикнати од оригиналната трилогија. Неговата маска изгледаше премногу пластична и вештачка, додека пак, начинот на кој се движеше повеќе наликуваше на манекенка на модна писта одошто на император кој го држи универзумот во својата рака. Но, ако го тргнеме тоа на страна, станува збор за маестрално изработен филм во кој ќе уживаат сите љубители на Силата.