Филм: Резервни делови (Spare Parts)
Филм базиран според вистинската приказна за 4 млади нелегални имигранти во Америка
Режија: Шон Мекнамара
Улоги: Џорџ Лопез, Џејми Ли Кертис, Карлос Пенавега
Времетраење: 105 минути
Јазик: англиски
Премиера: 16 јануари 2015
Жанр: драма
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
И покрај тоа што се само тинејџери, на овие млади деца цел живот им велеле дека нема да можат да успеат во Америка. Без документи за државјанство, тие можат многу малку нешта да работат и мора постојано да внимаваат да не ги откријат и депортираат. Но, тоа нема да го спречи младиот Оскар Васкез да се обиде да ѝ се придружи на американската војска. За жал и покрај неверојатните резултати, тие ќе го одбијат бидејќи нема да може да им донесе извод од матичната книга на родените.
Но, поради неговата упорност да направи нешто повеќе за својот живот, тој ќе налета на натпревар организиран од НАСА и американската војска, каде што се бара од учесниците да изградат подводен робот кој ќе им помогне во истражувањето. Натпреварот ги вклучува средните училишта и колеџите. Токму затоа и покрај тоа што живеат покрај пустина, Оскар ќе убеди еден нов професор кој е дојден како замена да му помогне во оваа цел и ќе собере уште 3-ца ученици, секој со свој уникатен вид способности.
Станува збор за интересен и лесен филм со моќна порака. Бидејќи е базиран според вистинска приказна, пораката која тој ја носи има уште поголемо значење. Додека го гледате овој филм вие едноставно нема да можете да не помислите дека навистина сè е можно, доколку вистински го посакувате тоа. Без разлика на ситуацијата во која се наоѓате. Тоа е и една од најголемите причини зошто ви препорачуваме овој викенд да го гледате токму овој филм…