Филм: Притаено зло: Последно поглавје (Resident Evil: The Final Chapter)
Алис се враќа онаму каде што кошмарот започна за да го зададе својот последен удар против злобната корпорација чија цел е да ги уништат и последните преживеани
Режија: Пол В. С. Андерсон
Улоги: Мила Јовович, Ијан Глен, Али Лартер
Времетраење: 106 минути
Премиера: 27 јануари 2017
Јазик: англиски
Жанр: акција, хорор, научна фантастика
Наша оценка: 6/10
Ваша оценка:
Ако му верувате на насловот на овој филм, тогаш сигурно ќе си кажете дека станува збор за последниот дел од приказната за неверојатната Алис (Мила Јовович), која со години се обидува да ја преживее зомби апокалипсата што скоро го искоренила целото човештво. Ако сте љубител на франшизата, сигурно со нетрпение го чекавте новото продолжение. Но, дури и да не ви се допаднале претходните делови, би го гледале филмот само колку да откриете како ќе се заокружи дејството и да дознаете конечно дали човештвото ќе изумре или ќе се најде начин да се создаде лек и да се победи злобната корпорација Амбрела. Без разлика дали сте љубители на серијалот, или се пронаоѓате во втората категорија, мораме уште веднаш да ве предупредиме дека и покрај насловот, крајот останува прилично отворен, оставајќи простор за ново продолжение.
Да преминеме на најважното – приказната. „Притаено зло: Последно поглавје“ не се разликува многу од претходните делови. Повторно акцентот е ставен на акцијата, додека пак, приказната нема никаква длабочина, па поради тоа и на моменти некои случувања делуваат нелогично. Во овој дел, Алис има мисија да ги спаси преостанатите 4.500 луѓе на планетата Земја што корпорацијата Амбрела намерава да ги уништи. Повторно имаме можност да ја видиме Црвената кралица, суперкомпјутерот што беше најголемиот непријател на Алис досега (потсетувајќи нè дека во ниту едно продолжение на филмовите не видовме ништо ново и поразлично од првиот), но овој пат таа е на нејзина страна и сака навистина да ѝ помогне во борбата за преживување. Токму затоа и ѝ кажува каде се наоѓа последната вакцина што може да го излечи вирусот.
Алис, заедно со нејзината пријателка Клер Редфилд (Али Лартер) и уште неколку преживеани, развиваат план да се вратат назад каде што сè ова започна, да го пуштат антивирусот и да ги убијат одговорните за апокалипсата – и сè тоа за само 48 саати. Токму затоа и очекувајте брзо темпо на движење и како што спомнавме на почетокот, површно прелетување преку сите настани. Имајќи го ова на ум, Мила Јовович е неверојатна актерка и покрај тоа што понекогаш не ни е јасно како овие филмови толку долго се задржале на големото платно, сепак треба да ѝ се симне капа за начинот на кој успеа со години да се задржи на врвот, како главна женска хероина на толку успешна филмска франшиза.