Филм: Предана (Allegiant)

Филм: Предана (Allegiant)

Трис конечно излегува од ѕидовите на Чикаго со цел да открие дали постои нешто зад нив

(1) Филм: Предана (Allegiant)Режија: Роберт Швентк

Улоги: Шејлин Вудли, Тео Џејмс, Зои Кравитс, Најоми Вотс

Времетраење: 121 минута

Јазик: англиски

Премиера: 10 март 2016

Жанр: авантура, акција, научна фантастика

Наша оценка: 8/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (15 гласа, просек: 9,33 од 10)
Loading...

Доколку сте љубители на книгите и ви се допаднале претходните два филма, „Различна“ и „Побунети“ тогаш без сомнение треба да го гледате и овој дел. Но, најпрво едно предупредување за оние кои ги читале книгите: Настаните добиваат сосема нов тек и нè водат во неистражени води. Иако главните ликови се задржани и основата на самата приказна е иста, сепак тоа е единственото нешто кое ја одржува поврзаноста со оригиналните случувања. Очекувајте големи промени во сосема различна и неочекувана насока кои имаат свои позитивни, но и негативни страни.

(2) Филм: Предана (Allegiant)

Имајќи го сè ова на ум, како и успехот (и критиките) на самите книги, изгледа сценаристите сакале да ги поправат оние нешта кои на фановите не им се допаднале во оригиналната приказна, особено во последната книга, па решиле да создадат еден сосема нов и поинаков свет со различни правила од оние кои сите ние добро ги знаевме. Добрата страна е што приказната тргна во многу пофутуристичка насока, но лошата страна е што на моменти делува како таа го губи својот тек и да остава дел од најважните прашања неодговорени. Едноставно не можете да сочувствувате со нештата кои им се случуваат на ликовите доколку не добиете јасна слика за тоа низ што тие поминуваат. Ова е можеби еден од најголемите пропусти во овој дел.

(3) Филм: Предана (Allegiant)

Но, тоа не значи дека филмот е лош. Баш напротив, голем дел од новитетите кои беа вметнати, особено во делот на технологијата, целосно ќе ве остават без зборови. Иако овој пат немавме можност да видиме толку голем број специјални ефекти како во претходниот, сепак во тој поглед филмот ги задоволува нашите очекувања. Од друга страна пак, има и одредени сцени кои исто како и во претходните делови ќе ве натераат да го задржите здивот во исчекување до самиот крај, водејќи ве низ луда железница од силни емоции, прашувајќи се што ќе се случи следно.

(4) Филм: Предана (Allegiant)

Што се однесува до хемијата помеѓу главните ликови, Трис и Фор, таа продолжува да освојува и тоа е една од најголемите причини зошто оваа приказна си најде трајно место во срцата на многу луѓе ширум светот. Шејлин и Тео без сомнение се идеалниот избор за своите улоги, а истото може да се каже и за останатиот тим актери.

(5) Филм: Предана (Allegiant)

Во споредба со другите два дела, не можете да не помислите дека овој филм беше некако „поедноставен“. Но, можеби тоа е добро со оглед на фактот што и самата приказна малку се смири во обид да ни претстави скршено човештво кое очајно се обидува да се крене на своите нозе. Сè што ни преостанува во овој момент е да почекаме година дена со цел да видиме како оваа приказна ќе заврши во својот четврт и последен дел. Некои претпоставуваат дека и покрај промените, крајот ќе остане ист како во книгите, но многумина се надеваат на сосема поинаков завршеток. Вие што мислите?

(6) Филм: Предана (Allegiant)


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар