Филм: Повикување на злото (The Conjuring)
Конечно еден извонреден хорор
Режија: Џејмс Ван
Улоги: Патрик Вилсон, Вера Фармига, Лили Тејлор, Рон Ливингстон
Времетраење: 112 минути
Јазик: англиски
Премиера: 19 јули 2013
Жанр: хорор, трилер
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Еве шанса конечно да погледнете еден извонреден хорор филм. Делото на режисерот Џејмс Ван е направено без оние евтини финти видени многупати во многу други филмови, туку изобилува со морничавост која доаѓа од неговата приказна. А таа приказна е вистински настан поврзан со брачниот пар Ед и Лорејн Ворен, кои имале доста добар углед како истражувачи на паранормални активности во седумдесеттите години. Најчесто добро се справувале со своите случаи, но оној на семејството Перон било поинакво од сите други.Дејството започнува кога Роџер и Керолин Перон (Рон Ливингстон и Лили Тејлор) ќе се вселат во нова куќа заедно со своите пет ќерки. Куќата е огромна, полна со многу предмети, а буквално сѐ наоколу крцка или произведува некаков друг звук. За да не ви го расипеме гледачкото искуство ќе ви откриеме само уште дека во неа ќе почнат да се случуваат некои чудни работи, по што Роџер и Керолин на помош ќе ги повикаат Ед и Лорејн Ворен (Патрик Вилсон и Вера Фармига).
„Нешто ужасно се случува во мојата куќа.“ – Керолин Перон
Тие прифаќаат да им помогнат во решавање на проблемот, но набргу ќе сфатат дека се соочуваат со најсериозниот и најстрашниот предизвик во нивните кариери.Сценариото е извонредно. Започнува мирно, со запознавање со семејството Перон, кое откако ќе го засакате ќе почнете да го чувствувате злото што им се случува. Потоа настапуваат сите оние ужаси и морничави сцени. Тие се случуваат со толку силен интензитет што на крајот ќе ви се чини дека филмот е многу подолг од оние 112 минути. Во него можеби ќе препознаете сличности со филмови како „Егзорцист“, „Хоророт од Амитивил“ или „Паранормална активност“, но оние елементи кои се слични со овие филмови тука се толку добро вкомпонирани, така што „Повикување на злото“ го прават уникатен филм, а не некој кој имитира, како што е вообичаено во овој жанр во последно време.
„Кога музиката ќе престане, ќе го видиш во огледалото како стои зад тебе.“ – Ејприл
Авторите не се потпреле премногу на моментот на изненадување со цел предизвикување возбуда кај гледачите. Овде стравот е присутен цело време, тој произлегува од самиот амбиент во кој се случува дејствието. Не се користени ниту безброј специјални ефекти, туку наместо тоа има одлична глума. Ако тоа што го гледате не ви е доволно страшно, само повишете го тонот и слушнете ја морничавата музика.„Повикување на злото“ не смеат да го гледаат лица помлади од 17 години без присуство на родител или старател. Таква оценка се дава на филмови кои содржат сцени со секс, многу насилство, многу крв, вулгарен речник итн. Ништо од ова нема да сретнете во овој филм. Оваа оценка му е доделена само поради степенот на страв кој може да го предизвика кај публиката. Тоа е најдобриот хорор филм во последните неколку години и вреди да се изгледа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Најдобар во 2013