Филм: Последен пат во Вегас (Last Vegas)
Филм за пријателството, љубовта и за една луда и незаборавна ергенска забава
Режија: Џон Тартлтаб
Улоги: Мајкл Даглас, Роберт Дениро, Морган Фримен, Кевин Клајн
Времетраење: 105 минути
Јазик: англиски
Премиера: 1 ноември 2013
Жанр: комедија
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Зарем еден филм во кој главните улоги ги толкуваат Мајкл Даглас, Роберт Дениро, Морган Фримен и Кевин Клајн би можел да биде лош? Секако дека не. Ова е еден од оние забавни и лесни филмови кои се гледаат во еден здив и кои откако ќе завршат ве оставаат во одлично расположение. Станува збор за 4-ца најдобри пријатели, кои на возраст од 60-тина години решаваат да му приредат ергенска забава на нивниот последен сингл пријател.
Се започнува со ненадејното запросување на Били (Мајкл Даглас). Тој за време на погребот на неговиот ментор, без никакво претходно размислување решава да ја запроси својата два пати помлада девојка од него. Таа пресреќна, ја прифаќа понудата и тие решаваат што побрзо да стапат во брак. Били им ги пренесува големите новости на своите пријатели Арчи (Морган Фримен) и Сем (Кевин Клајн) кои веднаш одлучуваат да му ја приредат најдобрата ергенска забава досега. Сѐ што преостанува е само да најдат начин како да го повикаат и нивниот четврт член на дружината, Педи (Роберт Дениро) кој последниве неколку години не е во добар однос со Били.
Работите некако успеваат да тргнат според планот и сите патуваат во Вегас, каде што сфаќаат дека нештата многу се измениле во последниве 30-тина година. Но, тоа нема да ги спречи да се однесуваат како да се многу помлади и токму поради тој договор ќе започне и најлудиот викенд од нивниот живот.
Овој одличен филм во себе носи моќна порака за значењето на пријателството и љубовта. За давањето на втора шанса како и за самиот живот. Но, најважно од сѐ, ќе ви покаже дека без разлика на вашата возраст, доколку сте заедно со вашето друштво вие можете да го освоите и светот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.