Филм: Покер кралица (Molly’s Game)
Вистинската приказна за Моли Блум, поранешна олимписка скијачка што ќе започне „подземни“ покер игри
Режија: Арон Соркин
Улоги: Џесика Честејн, Идрис Елба, Кевин Костнер
Времетраење: 140 минути
Премиера: 5 јануари 2018
Јазик: англиски
Жанр: биографија, драма
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Станува збор за филм инспириран од вистинска приказна што ни го раскажува животот на Моли Блум (Џесика Честејн), жената што ќе води нелегални покер игри со најголеми влогови во светот. Ако веќе сте запознаени со работата на Џесика Честејн, тогаш веќе знаете дека таа не може да разочара. Без разлика во каква улога ќе ја сместите, таа ќе владее со камерите и ќе го оживее карактерот со својот беспрекорен перформанс.
Па, која е Моли Блум? Таа е млада скијачка која била уапсена од ФБИ по скоро цела декада водење ексклузивни покер игри со високи влогови во Лос Анџелес и Њујорк. Филмот започнува со нејзината застрашувачка несреќа на Олимписките игри, која засекогаш ќе ја оттргне од спортот. Сакајќи повторно да биде најдобра во нешто, таа наидува на „подземните“ покер игри и решава да стане дел од тој свет. Оваа одлука ќе ѝ ги донесе најлудите 10 години од нејзиниот живот.
На кратко, филмот е многу забавен, но за најдобар ефект, ви препорачувам да ја прочитате и книгата откако ќе го изгледате филмот. Откривањето кои се дел од актерите и спортските ѕвезди во вистинскиот живот што учествувале во овие игри се дополнителен бонус.