Филм: Патеки (Tracks)
Кога ќе оставиш сѐ зад себе…
Режија: Џон Куран
Улоги: Миа Васиковска, Адам Драјвер
Времетраење: 112 минути
Јазик: англиски
Премиера: 6 март 2014
Жанр: авантура, драма
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
„Патеки“ е сниман според патувањето на Робин Дејвидсон, која што во 1977 година решила да тргне на долго патување почнувајќи од австралискиот град Алис Спрингс па сѐ до Индискиот Океан, притоа поминувајќи ја целата австралиска пустина. Целиот пат од 2.700 километри планира да го помине пешки. Иако е обележувана од околината како ексцентрик кој не знае до каде ѝ се можностите, таа има зошто цврсто да гази по својот пат. Нејзиниот обид за подвиг поминува забележан и од National Geographic, па тие наскоро го испраќаат својот фотограф Рик Смолан (Адам Драјвер) да направи фоторепортажа од нејзиното патување.
Целиот филм се состои од нејзиното патување од точката А до точката Б, па разбирливо е тоа што е бавен и со релативно долги кадри. Не очекувајте акција и возбудливи сцени, туку случки низ кои што главниот лик емоционално се отвора и ги лекува раните, претворајќи го физичкото патување во емоционално. Но ако сепак зборуваме за возбудливи сцени, брилијантната кинематографија на филмот носи кадри кои изгледаат како да се извадени од страниците на National Geographic. Совршени пустински изгрејсонца и зајдисонца, ѕвездени неба, животни, дивина, бесконечна ширина, патување… па дури и да нема акција, овие кадри сепак се возбудливи.
Покрај тежината на подвигот на Робин Дејвидсон и кинематографијата, тежина на „Патеки“ му дава и глумата на Миа Васиковска. Нејзиниот лик на австралиската авантуристка во еден момент делува цврсто, грубо и непобедливо, додека во друг момент таквата нејзина маска паѓа и ја покажува својата кршливост. Васиковска, која речиси и не се тргнува од екранот, одлично ги доловува овие состојби.
„Патеки“ е филм кој може да се спореди со „Во дивината“ (Into the Wild). Секој фан на овој култен филм посакува да види уште некој таков, а веројатно откако е тој излезен нема друг филм кој толку многу потсетува на него. Приказните и ликот се различни, но прикажувањето на спиритуалната страна на патувањата и особено она поттикнување на авантуризмот кое може да го даде еден филм се среќава и кај двата филма. „Патеки“ е филм кој може да ве натера да патувате, физички, духовно, или и на двата начини истовремено.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.