Филм: Обложување на столетието (The Big Short)

Филм: Обложување на столетието (The Big Short)

Откако ќе го предвидат економскиот колапс на пазарот, четворица финансиски менаџери го прават единствениот (не)логичен чекор: Се обложуваат против светската економија

Филм: Обложување на столетието (The Big Short)Режија: Адам МекКеј

Улоги: Кристијан Бел, Стив Карел, Рајан Гослинг, Бред Пит

Времетраење: 130 минути

Премиера: 11 декември 2015

Јазик: англиски

Жанр: комедија, драма, биографија

Наша оценка: 8/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (4 гласа, просек: 7,75 од 10)
Loading...

Отстапувајќи од препознатливиот комичен жанр кој го прослави неговото име и му овозможи да ја почувствува холивудската слава, режисерот Адам МекКеј овој пат го покажува неговиот политички, посериозен и подефиниран експериментален стил, црпејќи инспирација од истоимениот, вистински роман на новинарот Мајкл Луис. Како и многу режисери и артисти пред него, така и МекКеј се соочува со проблемот кој можеби е невозможно да се реши: Како да ја раскажете приказната на еден тим од средовечни индивидуи со не толку изразито социопатско однесување, паралелно откривајќи ја апстрактната логика на капитализмот и да ја направите таа приказна визуелно привлечна и интересна? Режисерот, кој на светот му ја донесе паметната сатира – „Водителот“ (The Anchorman), со еден своевиден документарен пристап и комична синтакса успева да пронајде барем дел од ова решение и да прикаже една симбиоза на бизнис трилер и стенд-ап комедија за алчноста.

Филм: Обложување на столетието (The Big Short)

Фантастичната четворка составена од искрениот и помалку неморален Мајкл Бури (Кристијан Бел), ранливиот верник во системот Марк Баум (Стив Карел), упорниот и одлучен Џаред Вернет (Рајан Гослинг) и генијалниот Бен Рикерт (Бред Пит) се протагонистите кои ја игнорираат конвенционалната мудрост и ризикуваат сѐ за да го остварат она во коешто веруваат. Природно, ние како публика која отсекогаш се идентификувала со бунтовниците кои се двојат од стадото, несвесно навиваме за нивниот успех, не разбирајќи дека вака всушност навиваме за сопственото финансиско пропаѓање. Токму овој парадокс е она што ја дефинира брилијатноста на филмот кој ни служи како прозорец кон пеколната капиталистичка машина на 21-от век.

Филм: Обложување на столетието (The Big Short)

Сценариото во адаптација и преработка на Чарлс Рандолф е дрско, саркастично и исполнето со цинизам, кое и покрај исцрпувачкото и каскадно бомбардирање со информации, со својот амбициозен и иновативен формат успева да ја долови сржта и драматичноста на оригиналната материја. Музиката, иако на моменти збунува, соодветствува со сите важни и помалку важни моменти и позадини. Кинематографијата не се истакнува толку многу како што се истакнува во преостанатите номинирани филмови за Оскар, но ова е сосема оправдано ако се земе предвид фактот дека станува збор за филм кој ја анализира „темната и досадна“ страна на Вол Стрит.

Филм: Обложување на столетието (The Big Short)

Заклучно, „Обложување на столетието“ е еден смешен, провокативен портрет на неодговорноста, измамата и ексцесот коj по основна дефиниција може да се смета за комедија. Но, комедија која во ниеден момент не заборава да нè потсети дека овој пат шегата е на наша сметка.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар