Филм: Ное (Noah)
Еден човек е избран од креаторот на неговиот свет за последната мисија пред апокалиптичната поплава да го уништи целиот живот на планетата
Режија: Дарен Аронофски
Улоги: Расел Кроу, Џенифер Конели, Реј Винстон, Ентони Хопкинс, Ема Вотсон, Логан Лерман, Даглас Бут, Лео Мекхју Керол
Времетраење: 138 минути
Јазик: англиски
Премиера: 28 март 2014
Жанр: акција, авантура, драма
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Отсекогаш било ризично да се обработуваат Библиските приказни на големото платно, особено ако станува збор за целосна преработка на настаните кои ни се добро познати на сите нас. Токму затоа пред да решите да го гледате овој филм, имајте на ум дека работите не се баш онакви како што сте ги слушале или читале. Што се однесува до изборот на глумците, тој е одличен и секој од нив беспрекорно ја одигрува својата улога. Сите емоции кои се обидуваат да ви ги пренесат лесно се забележуваат во нивните движења или лица, па токму затоа нема да ви биде воопшто тешко да почнете уште веднаш да сочувствувате со нив. Одамна не сме виделе олку успешна комбинација на квалитетни глумци во еден филм.
Сѐ започнува со младиот Ное, кој како дете ќе стане сведок на убиството на својот татко од страна на еден тиранин, така што тој ќе остане единствениот директен потомок на Сет, најмладиот син на Адам и Ева. Ное (Расел Кроу) ќе изгради свое семејство и ќе живее онака како што Бог му наложува, за разлика од останатите луѓе, потомците на Каин (другиот син на Адам и Ева) кои ќе прават пустош на Земјата. Ное со својата жена, Нами (Џенифер Конели) ќе има три сина, Шем (Даглас Бут), Хем (Логан Лерман) и Џафет (Лео Мекхју Керол).
Една вечер, Ное ќе има визија. Бог ќе му се обрати на единствениот начин на кој тој ќе може да разбере – во неговите соништа. Ное ќе види дека сиот свет ќе потоне под вода, па сакајќи да открие дали постои начин да се преживее, тој решава со своето семејство да го посети својот дедо, Метјузила (Ентони Хопкинс). Тој ќе му помогне да сфати дека неговата задача е да изгради арка во која ќе го вдоми сиот невин живот на планетава, во парови, машко и женско, кои понатаму ќе имаат задача одново да ја населат планетата.
Накратко, овој филм е голем експеримент направен со најдобри намери. Токму затоа ви препорачуваме да му дадете шанса без предрасуди и да не заборавите дека станува збор за дело на Холивуд. И покрај промените во текот на приказната, овој филм во себе носи моќна порака која длабоко ќе ве допре. Ќе ве освести за сите оние грозоморни нешта за кои човекот навистина е способен, за сите убиства, неправди и грешки кој ги направил… Но, истовремено ќе ве потсети и дека во сите нас постои добрина и само од нас зависи дали ќе ѝ дадеме шанса да излезе на површината или ќе ја потиснеме уште подлабоко од порано.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.