Филм: На работ од утрешнината (Edge of Tomorrow)
Живеј. Умри. Повтори.
Режија: Даг Лиман
Улоги: Том Круз, Емили Блант
Времетраење: 113 минути
Јазик: англиски
Премиера: 6 јуни 2014
Жанр: акција, научна фантастика
Наша оценка: 10/10
Ваша оценка:
Луѓето веќе некое време без успех се обидуваат да се изборат со вонземската раса наречена Мимичари кои имаат контрола врз поголемиот дел од Европа. Но, генералот Брингам (Брендан Глисон) се надева дека работите конечно ќе се подобрат по утрешната битка, па токму затоа му вели на офицерот Вилијам Кејџ (Том Круз), чија професија е односи со јавноста, да го покрива целиот настан од првите редови на бојното поле. Кејџ силно се противи на оваа опасна задача, бидејќи нема никакво искуство за борба, притоа обидувајќи се на сите начини да се извлече, но неговата постапка лошо ќе се одрази на целата ситуација и ќе предизвика тој да биде уапсен и соборен.
Кејџ ќе се разбуди со лисици на рацете и статус на дезертер во воена база каде што ќе биде одведен кај останатите војници и присилен наредниот ден да учествува во големата битка која треба да се одвива на една од плажите во Франција. Кејџ хаотично се обидува да се извлече, но сите негови напори пропаѓаат и тој набрзо ќе се најде во центарот на битката, која наместо да води кон победа, ќе биде целосен неуспех. Изгледа Мимичарите на некој начин знаеле дека ќе бидат нападнати и поставиле заседа за војската. Опколен од вонземјани, без никаква поддршка, Кејџ го губи својот живот во обид да уништи дел од Мимичарите. Но, на негово огромно изненадување, тој одеднаш се буди со лисиците на неговите раце, во центарот на базата, еден ден пред битката.
На почетокот тој е целосно збунет, прашувајќи се што се случува околу него. Тој повторно ќе го преживее целиот ден, на истиот начин како претходно и полека ќе почне да сфаќа дека веќе поминал низ сите овие настани. За жал, Кејџ нема да издржи долго време на бојното поле и набрзо ќе го изгуби својот живот и смртта повторно ќе го врати назад во базата, со лисиците на неговите раце. Тогаш тој веќе целосно сфаќа што се случува и ќе проба на сите можни начини да го спречи она што ја очекува војската на плажата во Франција, без разлика на тоа колку пати ќе треба да умре за да ја постигне оваа цел. Кејџ на бојното поле ќе ја запознае и смртоносната Рита Вратаски (Емили Блант), која ја имала оваа способност во минатото, но ја изгубила и токму таа ќе го води низ деновите, обидувајќи се покрај него да стави крај на инвазијата и да го спаси човештвото.
Станува збор за филм кој е преполн со акција, но и со богата приказна. За да можете целосно да ги следите сите настани, обидете се да обрнете внимание и на најмалите детали. И покрај тоа што овој филм трае околу 113 минути, ви гарантираме дека ќе го изгледате во само еден здив, бидејќи и иако приказната ве носи напред-назад во текот на само еден ден, постојано се случува нешто ново. Што се однесува до глумата, Том Круз како и секогаш совршено ја одигрува својата улога, а прекрасната Емили Блант со својот перформанс ќе покаже дека и таа има свое место помеѓу ѕвездите во Холивуд. Да не должиме многу, можеме слободно да кажеме дека ова е еден од најдобрите филмови во 2014 година и токму затоа ви препорачуваме да одвоите неколку часа за него. Ви ветуваме дека нема да зажалите, баш напротив, дури ќе сакате да го гледате и повеќе од еднаш.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.