Филм: Мама (Mama)
Филм за бескрајната љубов на мајката, дури и по нејзината смрт
Режија: Андрес Мучиети
Улоги: Џесика Честеин, Николај Костер-Валдау, Меган Карпентиен, Изабел Нелис
Времетраење: 100 минути
Јазик: англиски
Премиера: 18 јануари 2013
Жанр: хорор, мистерија
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Мора да се признае дека во последно време, филмовите од овој жанр се здобија со многу лоша репутација. Приказните кои ги обработуваат западнаа во лесно предвидлива рутина и шема која им овозможува на гледачите без многу напор да го предвидуваат секој нареден чекор во дејството. Во некои од овие хорори дури можеме лесно да го погодиме крајот гледајќи само 10-тина минути од почетокот на филмот.
Но, по неколку години конечно можеме да кажеме дека филмот „Мама“ ја прекина лошата серија на филмовите од овој жанр. И не само што ни овозможува сосема нова и досега невидена тема, туку има и неверојатно непредвидлив завршеток, што дефинитивно е мало освежување за љубителите на хорор филмови.
Дејството започнува така што слушаме од радиото во еден автомобил со отворена врата дека имало неколку убиства, па веднаш потоа камерата нè носи во домот кој се наоѓа во близина. Таму гледаме доста вознемирен татко кој набрзина ги пакува своите две млади ќерки и ги носи со себе во автомобилот, притоа неодговарајќи директно на нивните прашања. Тие брзо забележуваат дека нешто не е во ред и додека тој вози по замрзнат планински пат настанува голема караница меѓу нив која доведува до сообраќајка.
Повредени и премрзнати, тие полека се движат низ шумата со надеж дека ќе најдат некакво засолниште и по некое време налетуваат на напуштена колиба. Таткото ги води двете девојчиња со себе во колибата каде што проверува дали имаат какви било намирници за преживување, но откако сфаќа дека нема ништо останато, почнува да размислува за друго решение кое можеби и нема да заврши со среќен крај…
Дејството продолжува по 5 години од тој настан, каде што двајца трагачи најмени од Лукас, братот на нивниот татко, ги наоѓаат девојчињата сами и во многу лоша состојба во колибата. Тие завршуваат во болница каде што никому не му е јасно како преживеале сиве овие години. Во овој момент сè зависи од Анабел (Џесика Честеин) и Лукас (Николај Костер-Валдау), во обидот да им овозможат што понормално детство на неговите внуки кои доживеале огромна траума сами во дивината… Но, колку навистина сами биле тие?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.