Филм: Магичниот Мајк XXL (Magic Mike XXL)
3 години по откажувањето од стриптизот, Магичниот Мајк со преостанатите Кралеви од Тампа за последен пат се враќаат на сцената
Режија: Грегори Џејкобс
Улоги: Ченинг Тејтум, Џои Манганиело, Мет Боумер
Времетраење: 115 минути
Јазик: англиски
Премиера: 1 јули 2015
Жанр: комедија, драма, музика
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Ретко кога може да се каже дека вториот дел од некој филм е подобар од првиот, но овој пат без двоумење можеме да го тврдиме тоа. Приказната дефинитивно е подобра и побрза, кореографиите се одлични, па дури и на некој начин незаменливи, додека пак овој тим од актери многу подобро функционира од претходниот. Доколку сте го гледале првиот дел, сигурно помните дека дејството најмногу се насочуваше кон Далас (Метју Меконахи) и Адам (Алекс Петифер), но овој пат тие се надвор од игра и приказната е целосно насочена кон Мајк (Ченинг Тејтум) и неговите пријатели – Кралевите од Тампа.
Приказната продолжува 3 години откако Мајк ја напушти стриптиз сцената. Тој го започнал својот бизнис со мебел по нарачка, исто како што претходно сонуваше, но изгледа работите не се одвиваат онака како што тој планирал. Токму затоа и ќе одлучи да им се придружи на неговите пријатели за еден последен настап на конвенцијата на стриптизери. И бидејќи овој настап е нивното збогување со оваа работа, тие решаваат целосно да ги променат своите точки и да се покажат во најдоброто светло досега.
И покрај тоа што приказната е подобра од претходната, покажувајќи ни поголем увид во животот на ликовите, таа сепак е побавна отколку што би се очекувало за филм со ваква тематика. Дејството е малку развлечено, на моменти дури и здодевно, но дефинитивно вреди да се гледа за финалните сцени со танцување. Па, ако сте расположени за малку забава со вашите пријателки, тогаш дефинитивно ви го препорачуваме второто продолжение на Магичниот Мајк…