Филм: Ловецот и ледената кралица (The Huntsman: Winter’s War)
Долго пред Снежана, лошата кралица имала друг ривал – нејзината сестра, Фреја, која по смртта на Равена станува уште поголема закана за светот!
Режија: Седрик Николас Тројан
Улоги: Крис Хемсворт, Џесика Честеин, Шарлиз Терон, Емили Блант
Времетраење: 114 минути
Премиера: 21 април 2016
Јазик: англиски
Жанр: авантура, драма, акција
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Се сеќавате на филмот „Снежана и ловецот“? Станува збор за еден вид продолжение на истиот, кој нè води назад во минатото (пред првиот дел), а потоа повторно во сегашноста (после првиот дел) и ни ја раскажува приказната за ловецот и неговото патување низ животот и љубовта. Овој пат, во центарот на настаните се наоѓа Фреја (Емили Блант), која е малку пофина сестра на злобната кралица Равена (Шарлиз Терон).
Нејзиното срце било скршено, па овој трагичен настан во неа разбудил неверојатни ледени моќи кои ќе ја инспирираат да го напушти својот дом и да изгради ледено кралство на северот. Ако го тргнеме настрана фактот дека нема Снешко што зборува, ве потсетува оваа приказна на нешто? Да се вратиме назад на филмот. Со цел да освои повеќе земји, Фреја регрутира и тренира армија од ловци, вклучувајќи ги и заљубените Ерик (Крис Хемсворт) и Сара (Џесика Честеин). Но, бидејќи романсата не е дозволена во оваа ледена земја, Фреја решава да ги измами и раздели.
7 години подоцна, откако Ерик ќе ѝ помогне на Снежана при убивањето на Равена (за оваа приказна треба да го гледате првиот дел), тој и Сара повторно се сретнуваат, и со помошта од неколку будалести џуџиња, тие ќе се обидат да ја спречат Фреја да го земе магичното огледало и да дојде до уште поголема моќ од нејзината сестра. Па, дали овој филм вреди да се гледа? Секако дека да. Најмногу поради фактот што имаме неверојатен тим актери на едно место, кои брилијантно ги оживуваат своите ликови. Дали би кажале дека е најубавиот филм од сите? Дефинитивно не, но е доволно добар за да одвоите малку време со цел да се опуштите и да се изгубите во неверојатните специјални ефекти…