Филм: Лош дедо (Bad Grandpa)
Комедија во откачениот стил на Џекес
Режија: Џеф Тремејн
Улоги: Џони Ноксвил, Џексон Никол
Времетраење: 92 минути
Јазик: англиски
Премиера: 25 октомври 2013
Жанр: комедија
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
„Лош дедо“ е дело на екипата Џекес. Снимен е во нивниот стил, со скриена камера и повеќе наликува на реално шоу отколку на филм каков што сме навикнати да гледаме. Само главните актери глумат, а секако дека другите немаат поим дека учествуваат во филм и се само жртви на нивната откачена смисла за хумор. Џони Ноксвил е повторно во главната улога, но овој пат нашминкан и дотеран како Ирвинг Зисман, 86-годишен лош дедо.
Кога ќе ја изгуби својата сопруга по 46 години брак, го обзема среќа што конечно е слободен и може да си најде друга жена. Веќе почнува да го планира својот поход, но плановите ќе му ги замрси ќерка му која треба извесен период да помине во затвор за да отслужи казна. Тоа значи дека нему му е оставен Били, осумгодишниот внук, барем додека не дојде татко му да го земе.
Работите за старецот со млад дух стануваат уште покомплицирани кога таткото не сака да го земе кај себе својот син, освен ако Ирвинг не го донесе кај него. Тој, сакајќи да живее сам и слободно, ќе се нафати да вози речиси низ цела Америка за да го однесе внукот кај татко му.
Иако на прв поглед изгледа како секој да сака да се ослободи од детето, понатамошниот тек на филмот ќе ве увери во спротивното. Ирвинг и Били лесно ќе се зближат. Сепак, 86-годишниот старец нема да се откаже од својата намера да заведе жена, така што можете да очекувате бројни смешни ситуации во веќе познатиот стил на Џекес. Дури и да не сте фан на Џони Ноксвил и на неговата дружина, овој филм содржи доволно хумор за моментите кога сакате да се забавувате со нешто смешно.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
najdobar film