Филм: Лавиринт: Лек за смртта (Maze Runner: The Death Cure)
Во епското финале на оваа сага, Томас води група избегани Глејдери на нивната последна и најопасна мисија досега
Режија: Вес Бол
Улоги: Дилан Обрајан, Ки Хонг Ли, Каја Скоделарио
Времетраење: 142 минути
Премиера: 26 јануари 2018
Јазик: англиски
Жанр: акција, трилер, научна фантастика
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Ако сте љубители на оваа франшиза, инспирирана од трилогијата книги со истото име, тогаш воопшто нема да бидете разочарани од третото и последното продолжение. Поради повредата на Дилан Обрајан, актерот што го толкува главниот лик – Томас, премиерата на филмот многу се одложи (скоро 2 години) создавајќи огромно исчекување и зголемување на очекувањата на фановите, но верувајте ми, чекањето тотално се исплатеше! Јас уште стојам на моето размислување дека филмовите се многу подобро составени отколку книгите (што ретко се случува во филмски адаптации на книги), и дека секое продолжение е подобро од претходното (повторно, што ретко се случува и со продолженијата), правејќи го овој дел најдобриот досега.
„Лек за смртта“ е полн со акција, тензични сцени, срцепарателни моменти и секако, многу незаборавни мигови со едни од најдобрите и најцврстите пријателства што сме имале можност да ги гледаме на големото филмско платно. Можеби има малку повеќе зомбиња одошто треба, монотон љубовен триаголник (што некако секогаш се појавува во овој жанр филмови) и смешно „воскреснување“ на еден од ликовите од претходните делови што мислевме дека е мртов, но ако овие ситници се тргнат настрана, останува брилијантно изработена приказна и епски крај на франшизата што освои голем број срца ширум светот.
Доколку сè уште не сте ги гледале првите два дела, Лавиринт: Невозможно бегство и Лавиринт: Бегство низ пустошот, ви препорачуваме да го сторите тоа веднаш. Можете дури и да ги прочитате книгите, ако сте љубители на постапокалиптичните дистописки приказни, но имајте на ум дека приказната е многу променета во филмовите, и некои од ликовите, како Томас, се скоро непрепознатливи, па може да не ви биде толку интересно. Но, ако сте отворени за друга верзија на нивниот свет, тогаш може и да се изгубите во страниците. Како и да е, филмот навистина вреди да се погледне, па ако имате време викендов, направете го тоа – гарантирам дека нема да зажалите.