Филм: Кучиња на војната (War Dogs)
Двајца пријатели решаваат да заработат од продажба на оружје
Режија: Тод Филипс
Улоги: Мајлс Телер, Џона Хил, Бредли Купер
Времетраење: 114 минути
Премиера: 19 август 2016
Jазик: англиски
Жанр: комедија, криминал, драма
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Најновата филмска адаптација на вистински настан ги поместува границите на кредибилитетот. Станува збор за приказна каде што двајца Евреи од Флорида стануваат интернационални дилери на оружје, по настанот што ја остави Америка без здив на 11 септември. И покрај тоа што не станува збор за апсолутна комедија, како „Мамурлакот“, работата на Тод Филипс, во комбинација со талентот на главните ѕвезди, Мајлс Телер и Џона Хил, резултираат со одличен филм. И покрај тоа што станува збор за ликови кои треба да ви бидат одбивни, сепак нема да можете да одолеете на нивниот шарм.
Мајлс Телер ја толкува улогата на Дејвид, а Џона Хил на Ефреим. Бидејќи веќе на некој начин е дилер, Ефреим заработува пари од „трошки“ така што продава различни воени материјали кои владата ги смета за доволно мали да бидат игнорирани од страна на големите фирми со кои имаат склучено договор, но сепак вредат илјадници. Од друга страна пак, Дејвид воопшто не е поврзан со оваа индустрија – тој работи со масажи.
Сигурно веќе сфативте дека Ефреим ќе го внесе Дејвид во својот свет, на начин од кој едвај ќе спасат жива глава. И бидејќи Дејвид ќе ја лаже својата партнерка (Ана де Армас) која е целосно против војните, јасно е дека ништо добро нема да излезе од нивниот план. Но, овие таканаречени кучиња на војната навлегуваат уште подлабоко во овој свет, така што склучуваат договор со Пентагон, вреден 300 милиони долари, за снабдување со оружје на сојузниците во Авганистан.
Да, нештата ќе станат насилни, но не толку крвави како што мислите. Филипс го одржува текот на приказната светол и лесен за гледање, па затоа и без сомнение ќе уживате во овој филм. Особено ако сте расположени за комедија базирана на вистински настани, со ликови кои треба да ги мразите, но ќе ги засакате од срце.