Филм: Кралеви на летото (The Kings of Summer)
Зошто да трпиш кога можеш да поставуваш правила?
Режија: Џордан Фокт-Робертс
Улоги: Ник Робертсон, Габриел Басо, Моисес Араис
Времетраење: 95 минути
Јазик: англиски
Премиера: 23 август 2013
Жанр: драма, комедија
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
„Ова не е дискусија. Моја куќа, мои правила. Ајде сега оди да се подготвиш!“ – Френк
Ваквите дијалози со татко му се секојдневие за Џо (Ник Робинсон), а ниту неговиот најдобар другар Патрик (Габрилер Басо) не добива подобар третман од родителите. И двајцата живеат во едно од оние слатки предградија со симпатични куќи кои сугерираат дека животот овде е идиличен, но двајцата 15-годишни тинејџери се гушат во изобилството од правила на нивните родители и решаваат да преземат нешто.Наједноставното решение е да побегнат од дома и да го продолжат животот на некое друго место, далеку од родителите. Џо наоѓа прекрасно место во една шума каде што наскоро со Патрик и нивниот чуден пријател Бијаџио (Моисес Ариас) започнуваат да градат куќа. Живеат сами во шумата, сами се снаоѓаат за храна, пуштаат брада… со еден збор стануваат вистински мажи.Нивниот обид да дојдат до независност завршува успешно. Ги живеат најубавите денови во својот живот, исполнети со слобода за која сонува секој тинејџер. Времето го поминуваат во забава и слога, но со текот на времето тие ќе бидат соочени со предизвици кои ќе бидат вистински тест за нивната зрелост и спремност да се носат со апсолутна независност.Целото дејствие е сочинето од големата авантура на трите деца, но „Кралеви на летото“ е многу повеќе од само една авантура. Ова е филм за храброста да се посегне по слободата, за нејзиното настапување и за одговорностите и последиците кои таа ги носи со себе. Нема да ве заморува со овие пораки додека го гледате. Авантурата е доволно интересна за да се забавувате само со она што им се случува ним, а неговата вистинска смисла ќе ја сфатите дури на крајот.Филмот спаѓа во жанровите драма и комедија, но рака на срце, овде нема класичен хумор кој многу ќе ве насмее. Еден од неговите главни адути се кадрите кои изобилуваат со топлина која во комбинација со убедливата глума на тројцата тинејџери, кај гледачите може да предизвика носталгија по некои минати времиња, кога и самите биле во некоја слична ситуација. „Кралеви на летото“ е филм кој може да ве врати во некое минато лето, пред многу години. Ако сте подготвени за таква авантура, тој многу ќе ви се допадне.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.