Филм: Книга на џунглата (The Jungle Book)
Одлична верзија на добро познатата приказна за Могли – детето од џунглата
Режија: Џон Фавро
Улоги: Нил Сети, Бен Кинглси, Бил Муреј, Идрис Елба, Кристофер Вокен, Скарлет Јохансен
Времетраење: 105 минути
Премиера: 14 април 2016
Jазик: англиски
Жанр: авантура, драма
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
За многумина, идејата на Дизни да направи нова верзија од „Книга на џунглата“ беше неприфатлива. Сепак, по добро познатиот филм од 1967-ма година, кој е еден од најсаканите приказни во историјата на Дизни, никој не веруваше дека можеме да добиеме подобра приказна. За тоа воопшто не ни помагаа ни различните акциски филмови и алтернативни верзии кои беа пречекани со ладен одговор во текот на изминативе години. Но, изгледа овој пат тие се надминаа себеси во претставувањето на Могли на големото филмско платно, носејќи ни детално изработен 3Д филм со неверојатни специјални ефекти, надополнети со моќна приказна.
На почетокот имаме можност да го видиме Могли (Нил Сети) како шета низ шумата со црниот пантер Багира (Бен Кинглси) и потоа како си игра со малите волчиња, давајќи ни замисла дека филмот ќе биде сладок и сентиментален, исто како што се голем дел од останатите анимирани филмови. За среќа, со самото појавување на страшниот и со лузни Шир Кан (Идрис Елба), кој бара одмазда, расположението веднаш се менува. Сè што размислува овој тигар е како да го убие малото момче, бидејќи верува дека не постои друг начин да добие правда.
Еден од најдобрите нешта кај овој филм е фактот што портретите на животните изгледаат толку реално, што на момент добиваме чувство како да станува збор за историски документарец. Во секое нивно движење, вие можете да ги забележите дури и најмалите поместувања на нивните мускули. Исто така, овој пат се соочуваме со потемен филм од оној во 1967-ма година. Патувањето на Могли кон разрушениот храм, кое е против неговата волја, ќе биде попречено од дебелиот орангутан Кинг Луи (Кристофер Вокен), кој изгледа како лик извлечен од хорор филмовите. Истото можеме да го кажеме и за сцената кога момчето ќе биде хипнотизирано од питонот Каа (Скарлет Јохансен). Не постои ништо удобно ни во околината, ниту пак во временските услови…
Но, тоа што најмногу се издвојува е токму перформансот на Нил Сети. Младиот актер без сомнение има неверојатен талент, бидејќи ретко кој може да го оживее својот лик на начинот на кој тој успеа. Станува збор за филм кој не било лесно да се направи. За секој кадар биле потребни недели да се завршат, но можеби токму насоченоста кон деталите е тоа што доведе до успехот на овој филм. Па, доколку сте расположени да се дружите со Могли и неговите пријатели животни во шумата, тогаш без сомнение треба да го гледате овој филм. Не само што целосно ќе се внесете во приказната, туку на моменти ќе се вратите и назад во вашето безгрижно детство, кога сте ја гледале првата верзија од оваа приказна.