Филм: Ќе бидеме светски прваци (Bićemo prvaci sveta)
Филм за млади луѓе кои се борат да си ги остварат соништата
Режија: Дарко Бајиќ
Улоги: Страхиња Блажиќ, Милош Биковиќ, Александар Радојичиќ
Времетраење: 126 минути
Јазик: српски, хрватски, словенечки, македонски, босански
Премиера: 19 март 2015
Жанр: спортска драма
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
„Ќе бидеме светски прваци“ е филм кој е посветен на луѓето кои ги поставиле темелите на кошарката во поранешна Југославија. Тоа се неколку млади луѓе од Белград кои во педесеттите години го направиле првото игралиште за кошарка во државата, а потоа и првите тимови, сонувајќи дека еден ден ќе бидат најдобри во светот и ќе бидат светски прваци.
Страхиња Блажиќ го игра ликот на Небојша Поповиќ, млад човек за кого не постојат препреки да го добие она што го сака и кој верува дека може да постигне сè што ќе реши да постигне. Тој е харизматичниот водач на оваа група која се плаши да направи нешто што никој порано не направил и кој ги мотивира да продолжат да се борат за она за што се борат. Небојша е оној кој е најзаслужен за првото кошаркарско игралиште, првиот кош, првите топки, но и за гневот на УДБА кој групата ќе го навлече на себе поради неконвенционалното однесување.
Конфликтот со УДБА им создава многу проблеми на овие луѓе, а при ескалација на еден таков конфликт Поповиќ ќе им вети на властите дека треба да им дозволат да играат затоа што еден ден ќе станат светски шампиони. Властите сметаат дека тоа не е возможно затоа што „Југославија е мала земја“, но сепак Владимир Дедијер, за тоа време доста либерален политичар, ќе застане на нивна страна и нема да им пречи во остварувањето на нивниот сон.
Оттаму почнува остварувањето на тој навидум неостварлив сон поткрепен само со ентузијазам и ништо друго. Поповиќ околу себе собира млади ентузијасти кои се загреани за спортот, а тој им е капитен, тренер и селектор на првата репрезентација. Се чини како да нема нешто што може него да го запре да го оствари она што го наумил, па така следејќи ги полека се приближуваме до финалето на светското првенство во Љубљана во 1970 година кога Југославија требало да игра против Америка.
Остварувањето на сонот не е единствената идеја на овој филм. Важен дел од него е и прикажувањето на приликите во Југославија во тоа време. Изобилува со моменти кои се критички настроени кон неслободното „мислење“ и партијата која владеела, но истовремено покажува колку розов може да биде светот кога етничката припадност не е важна. Тој силно ја подржува идејата за југославизмот и ја одвојува од авторитарниот режим кој се обидел да ја спроведе. Тоа лесно се воочува, првенствено затоа што партијата е главната сопка за младиот спорт, и второ затоа што се среќаваат некои такви моменти кои се некако налепени на дејствието за да пренесат порака и делуваат како да можеле да бидат подобро претопени со дејствието.
„Ќе бидеме светски прваци“ е филм кој сакате да го изгледате од многу причини. Тој е една спортска шармантна приказна раскажана со многу топлина и сместена во опкружување кое нам ни е познато. Потсетува малку на двата филма „Монтевидео“, но доста се разликува од него. Тој говори и за група од млади луѓе од овој регион кои успеале во нешто големо и со кои е полесно да се идентификувате. На крај, ќе видите и како може луѓето да бидат од различна етничка припадност, да зборуваат на јазици кои се исти и различни истовремено, барајќи го сличното меѓу себе, а не различното. И сето тоа е сместено во биографијата на кошарката на овие простори.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.