Филм: Интервју (The Interview)
Зулендер на гости кај големиот лидер
Режија: Еван Голдберг, Сет Роген
Улоги: Џејмс Франко, Сет Роген, Рендал Парк, Диана Банг
Времетраење: 112 минути
Јазик: англиски
Премиера: 24 декември 2014
Жанр: комедија, акција
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
„Интервју“ е филмот за кој слушавте многу на вестите бидејќи предизвика хакерски напади врз Сони затоа што и тој прави шеги со нечиј голем идол. Иако филмот е смешен, тоа веројатно е она по што најмногу ќе се памети филмот. Сега останува само да се прашуваме (ако некого воопшто го интересира тоа) како ли ќе поминеше и оваа комедија без таквиот публицитет.
А во него има доволно хумор и сатира за солидна политичка комедија. Се чини дека најисмевана во целата приказна е шоубизнис индустријата, а не некој диктатор. Дејв Скајларк, игран од Џејмс Франко, е водител на популарно ток-шоу кое на гледачите им сервира глупости, а ни самиот тој не е ништо попаметен. Тој неверојатно потсетува на Дерек Зулендер, ликот на Бен Стилер кој ја исмеа модната индустрија. Неговите неинтелигентни заклучоци се навистина смешни, можеби и најсмешниот дел од целиот филм.
Арон (Сет Роген), продуцентот на Скајларк, сака да сними некое посериозно шоу и сака да се откаже од музичките и филмските ѕвезди. Тогаш ќе дознае дека „Скајларк Тунајт“ е омиленото странско шоу на Ким Јонг Ун, големиот мил лидер на Северна Кореја и брзо ќе успее да закаже интервју со него. Додека се спремаат за пат, ќе им пристапи ЦИА барајќи од нив да извршат атентат над Ким.
Тоа што се случува до крајот е нивниот престој во Северна Кореја кај лидерот и несмасните обиди да го убијат. Во меѓувреме има и доста дружба со Ким и со оглед на она што (наводно) го знаеме за неговите афинитети може да сметаме дека имало и повеќе материјал за исмејување на неговиот лик и лицемерниот начин на владеење. Саша Барон Коен многу подобро ги претстави диктаторите во својот филм, но и „Интервју“ е исто така гледлив, смешен и секако забавен. Ова е филм кој сепак вреди да се гледа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.