Филм: Играч број 1 (Ready Player One)
Кога креаторот на виртуелниот свет наречен ОАЗА ќе умре, светот ќе добие предизвик од него – првиот што ќе ги најде сите клучеви ќе го наследи неговото богатство!
Режија: Стивен Спилберг
Улоги: Тај Шеридан, Марк Раленс, Бен Менделсон
Времетраење: 140 минути
Премиера: 29 март 2018
Јазик: англиски
Жанр: авантура, акција, научна фантастика
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Не постои филм што Стивен Спилберг не може да го претвори во ремек-дело. Истото важи и за оваа научно фантастична акција базирана на бестселерот од 2011 година на Ернест Клајн. Дејството се одвива во 2045 година, во еден вид дистописки отпад, кога луѓето едноставно престанале да ги поправаат проблемите. Вејд Вотс (Тај Шеридан), главниот јунак, бил роден во 2027 година во Колумбус, Охајо. Но, овој град воопшто не изгледа како градовите во денешно време. Всушност, светот е толку ужасен, рѓосан и смрдлив што сите луѓе, вклучувајќи го и Вејд, бегаат во ОАЗА – онлајн свет во кој е возможно сè што можете да си замислите.
Но, кога креаторот на ОАЗА, Џејмс Халидеј (Марк Раленс) ќе умре, тој зад себе ќе остави предизвик за целиот свет – оној што прв ќе ги пронајде трите скриени клучеви во виртуелната реалност ќе го наследи виртуелното игралиште и ќе ги освои сите финансиски богатства и политичка моќ што доаѓаат со него. Токму тоа ќе го мотивира Вејд Вотс да се впушти во дигиталната авантура на својот живот. Но, партнерот на Халидеј, Соренто (Бен Менделсон), нема да биде многу среќен со идејата да ја даде компанијата на случаен победник, па затоа и ќе направи сè што е во негова моќ за да го спречи тоа.
Иако изгледа многу интересно и возбудливо, сепак овој филм не е за сите. Оние што навистина ќе уживаат во него се помладите гејмери, љубителите на сајберпанкот, како и оние што се носталгични за поп културата од 80-тите. Исто така треба да знаете и дека скоро целиот филм се случува во онлајн светот, каде што карактерите се дигитални. Нарацијата за овие приказни има свој сопствен јазик и кодови, па токму поради тоа и филмот успеа да се пробие во ограничената публика од која не доби ниту еден лош збор. За крај, вреди да се спомне и саундракот, што ќе ви ја држи енергијата на високо ниво, од првата сцена, па сè до последната.