Филм: Гравитација (Gravity)
Филм за способноста за преживување на човекот
Режија: Алфонсо Куарон
Улоги: Сандра Булок, Џорџ Клуни
Времетраење: 90 минути
Јазик: англиски
Премиера: 4 октомври 2013
Жанр: драма, трилер, научна фантастика
Наша оценка: 10/10
Ваша оценка:
Способноста на човекот да се носи со тешките моменти и да продолжи понатаму со она што му се нуди во животот стана многу експлоатирана тема во последните неколку години. Слично како и вo литературата, тоа создава квантитет пред квалитетот во оваа индустрија. Постојат навистина голем број филмови кои се занимаваат со овој проблем, така што кога ќе се појави некој исклучително добар од типот на „Гравитација“, тоа не може без да биде пофален и препорачан на публиката.
Д-р Рајан Стоун (Сандра Булок) е ликот којшто се соочува со натчовечки потешкотии кои го оставаат човек да се сомнева дали животот е воопшто вреден да се живее. Таа ќе заглави во вселената заедно со искусниот астронаут Мет Ковалски (Џорџ Клуни) по еден инцидент на нивниот брод. Немаат каде да одат, немаат од кого да побараат помош… само тие двајцата врзани еден за друг лутаат во бесконечното црнило на вселената обидувајќи се да најдат начин да се вратат во својата природна средина.
Тешко е да не гледате со емпатија на овие двајца несреќни ликови, не само затоа што самата помисла на нивната несреќа предизвикува тегоби во стомакот, туку и поради одличната глума на актерите. Особено е убедлива изведбата на Сандра Булок сместена во околина која може само да го воодушеви човек на „Гравитација“ и прави да почувствувате во каква агонија може да биде некој иако сѐ околу него изгледа совршено.
Филмот изобилува со неверојатни слики како изгрејсонцето во вселената или светкањето на големите градови ноќе, правејќи го кинематографско ремек-дело. Само двајца актери кои се појавуваат во целиот филм, малку дијалог, многу страв, страдање и надеж, живописни слики од вселената… Затоа „Гравитација“ е освежување и покрај тоа што темата не е нова. Тој спаѓа во малата група квалитетни филмови за човековото преживување кои предизвикуваат многу емоции кај гледачот, на моменти му ги тенчат нервите, но и цело време ги дразнат сетилата со извонредни визуелни и звучни ефекти. Без сомнение, ова е еден од најдобрите филмови воопшто во последно време.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.