Филм: Големиот и моќен волшебник од Оз (Oz the Great and Powerful)
Филм за вербата во сопствените способности
Режија: Сем Рејми
Улоги: Џејмс Франко, Рејчел Вајс, Мишел Вилијамс, Мила Кунис
Времетраење: 130 минути
Јазик: англиски
Премиера: 8 март 2013
Жанр: авантура, фантазија
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Холивуд слабо стои со инспирација, но не сака да биде здодевен со едни исти римејкови на постари филмови. Продуцентите си најдоа начин како да прикажат нешто веќе видено, но и покрај тоа да задржат малку оригиналност. Земаат некоја приказна која сите ја знаат, прават мали измени во неа и добиваат сосема нов филм. Откако се појавија такви испревртени филмски верзии на бајките за Снежана и на Јованче и Марика, на ред дојде и Волшебникот од Оз. Овде ја нема Дороти и нејзините пријатели, туку гледаме приказна која изгледа како претходница на сето она што им се случуваше ним.Волшебникот од Оз е Оскар Дигс (Џејмс Франко) кого скратено го викаат Оз и всушност е илузионист – забавувач и мал измамник од Канзас кој откако неговиот балон ќе го зафати торнадо некако ќе се најде во некаков нереален и непознат свет. Кога таму ја среќава добрата вештерка Теодора (Мила Кунис), таа е многу среќна затоа што се исполнува пророштвото од нејзиниот починат татко. Според него кај нив од небото треба да падне волшебник кој го носи името на нивната земја и кој со својата магија ќе ја избрка Злобната Вештерка за тие повторно да живеат во мир и благосостојба. Оз смета дека тој не е волшебникот кој таа го очекува, но кога ќе слушне дека тоа ќе го направи крал на новооткриеното кралство и ќе му даде право да располага со огромно богатство, ќе ја излаже дека тој е дојден да ги спаси. Потоа нема избор освен да се впушти во битка против Злобната Вештерка, но наидува на големи проблеми кога веќе не знае која е добра, а која лоша вештерказ цело време се обидува да најде начин како да ги избегне обврските кои му ги наметнува неговиот статус на спасител поради тоа што не верува во своите волшебнички способности. Овој филм на многу едноставен начин покажува дали и колку треба да се верува во сопствените квалитети и како тие треба да се спознаат. Наменет е и за помладата и за повозрасната публика, гледлив е, лесно разбирлив и доста забавен. Кадрите располагаат со фантастичен раскош од бои во кои би било поубаво да им се препуштите во 3Д техника, но ќе уживате во нив и ако решите да се релаксирате со овој филм и дома.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.