Филм: Фати го Американецот (Get the Gringo)
Филм за пријателството и преживувањето во непознат суров свет
Режија: Едриен Грунберг
Улоги: Мел Гибсон, Кевин Ернандез, Даниел Хименез Качо, Долорес Ередија
Времетраење: 96 минути
Јазик: англиски
Премиера: 15 март 2012
Жанр: акција, криминалистичка драма
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Алтернативниот наслов на овој филм е „Како го поминав летниот одмор“ (How I Spent My Summer Vacation), но во него нема да се нагледате идилични летни сцени затоа што главниот лик летото го минува во суров мексикански затвор. Не обичен затвор изграден во филмско студио, туку вистински затвор на мексиканско тло. Режисерот Едриен Грунберг имал почетничка среќа токму во времето на неговото режисерско деби, да престане со работа еден несекојдневен затвор во близина на Тихуана, по што од градските власти го добиле како локација за снимање. Во него, во улогата на главниот лик го сместил Мел Гибсон, кој одново се јавува во улога карактеристична за него – цврст лик кој машки се справува со суровата околина.Ликот на Гибсон е поранешен затвореник и е безимен, иако на крајот на филмот е прикажан како Возачот. Дејството почнува токму со неговото возење за време на бегството од американската полиција по еден грабеж на банка. Тој планирал со украдените два милиони долари да замине на доживотен одмор во Мексико, но полицијата ќе му го расипе планот. За да не се врати во американски затвор, ќе си го ризикува животот и некако ќе успее да се протне на мексиканска територија. Но, таму ќе заглави во многу полош затвор. Иако според неговите постапки и начинот на размислување јасно се гледа дека веќе има солиден затворенички стаж во родната земја, затворот Ел Пуеблито е сосема нов свет за него.Тоа не е класичен затвор со ќелии и решетки, туку функционира како самостојно село. За да успее да преживее во непознатата сурова околина ќе мора да ја прифати помошта од едно десетгодишно момче кое престојува во затворот заедно со неговата мајка. Помеѓу грубиот затвореник и детето ќе се создаде извесно пријателство кое ќе биде причина за Возачот да му ја возврати помошта кога ќе дознае дека детето може во секој момент да го загуби животот поради тоа што неговиот црн дроб му е потребен на болниот раководител на затворот.Со исклучок на неколку сцени, целото дејство во филмот се одвива во затворот – село. Постојано преовладуваат сликите од тамошните катастрофални услови за престој кои ќе ви дадат чувство дека сте дел од тој амбиент. Во него одлично се вклопуваат ликовите на Возачот и на Детето, два цврсти флексибилни ликови кои лукаво ги изигруваат пречките на патот кои им ги поставува тамошниот живот. Тие се толку добро одиграни од Мел Гибсон и Кевин Ернандез што ќе помислите дека гледате вистински затвореници, а не актери.Иако овој наслов нема да ви звучи познато поради тоа што не е добро покриен од медиумите, „Фати го Американецот“ е одличен избор ако сакате да се опуштите со акционен филм. Дејството не е воопшто комплицирано, приказната е одлично раскажана, постојано се случува нешто и нема здодевни делови. Ова е лесен филм за гледање кој гарантира час и половина филмска забава.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.