Филм: Еверест (Everest)
Филм според вистински случувања кои довеле до смрт на 8 луѓе кои се искачувале на Еверест во 1996 година
Режија: Балтазар Кормакар
Улоги: Џејсон Кларк, Анг Фула Шерпа, Томас М. Врајт, Џејк Џиленхол, Кира Најтли, Џош Бролин
Времетраење: 121 минута
Јазик: англиски
Премиера: 24 септември 2015
Жанр: авантура, драма, трилер
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Овој филм е базиран според вистинската приказна за настани кои се случиле на 10 мај, 1996 година. Токму затоа и веднаш ќе ве предупредиме да не очекувате типичен холивудски филм со бурен заплет и среќен крај, исполнет со многу акција и нереално избегнување трагедија во последен момент. Баш напротив, филмот се држи блиску до вистинските настани и е целосно насочен кон главните ликови и нивната борба со една од најголемите бури кои досега ги зафатила планинарите при нивниот обид да го освојат Еверест. Токму затоа и тие се постојано во кадар, криејќи ги прекрасните пејзажи кои многу недостасуваат во филм со ваква тематика.
Приказната започнува со мал вовед во животот на главните ликови. Ние имаме можност да ги запознаеме нивните семејства, како и нивниот карактер. Брзо потоа дознаваме и кои се мотивите кои ги натерале да се нафатат на овој застрашувачки подвиг, изложувајќи го своето тело на услови кои едноставно не се наменети за човекот. Додека гледате како тие се соочуваат со смртоносната околина на највисоката точка на планетата Земја, изложувајќи се себеси на невидена опасност едноставно не можете да не помислите зошто некој воопшто би сакал да го направи тоа. Но, тоа не го крие фактот дека тие ја добиваат својата енергија од страста и желбата да се оттргнат од секојдневието и да го поминат најголемиот предизвик кој природата му го задала на човекот.