Филм: Ѕвездени патеки: Од другата страна (Star Trek: Beyond)
Екипажот наидува на неистражени територии, каде што ќе запознаат моќни непријатели
Режија: Џастин Лин
Улоги: Крис Пајн, Закари Квинто, Сајмон Пег, Зои Салдана, Џон Чо, Антлон Јелчин, Карл Урбан, Софија Бутела
Времетраење: 120 минути
Премиера: 21 јули 2016
Јазик: англиски
Жанр: акција, авантура, научна фантастика
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Конечно пристигна најновиот дел од добро познатата обновена франшиза „Ѕвездени патеки“, каде што настаните се движат во малку поинаква насока од онаа на која досега бевме навикнати. Овој филм, за жал, е последниот во кој можеме да го видиме Антон Јелчин, кој неодамна го загуби својот живот во несреќа, како Чехов – карактер кој доби сосема нова димензија благодарение на самиот актер. Јелчин го претстави како разиграно момче кое ги освои срцата на сите млади девојки ширум светот и токму како таков уште долго ќе го помниме.
Сајмон Пег, кој овој пат презема и авторска одговорност, ни внесува многу забава и мудри досетки во самата приказна и без сомнение не се плаши да ги додели на својата улога, како главниот инженер Скоти. Тоа што е интересно во овој дел е фактот што можеме отворено да погледнеме во љубовниот живот на Сулу, кој овој пат го игра Џон Чо, бидејќи тој ни открива дека е дел од хомосексуална врска, со цивил надвор од Ѕвездената Флота. Тие исто така имаат и дете. Оваа врска не е многу нагласена, но пораката е сепак доволно јасна.
Крис Пајн го задржува својот статус како еден од најсаканите ѕвездени капетани во историјата на Ѕвездената флота, и со својот перформанс продолжува да ни открива нови и интересни страни на Кирк. Но, вистинската ѕвезда, како и во претходните делови, е беспрекорниот Спок, претставен од страна на Закари Квинто. Тој внесува логичка смиреност, необичен хумор и романса каква што досега не сме имале можност да видиме од Вулканец (особено не од страна на големиот Спок). Тој едноставно владее со филмот со само едно подигнување на својата веѓа. Без Спок, приказната не би била целосна.
Причината поради која овој дел се разликува од останатите, во позитивна смисла, секако, е бидејќи акцентот на претходните два дела е ставен на собирањето на екипажот (во првиот филм) и потрагата по злосторник и откривањето голем заговор (во вториот филм), додека тука приказната се врти околу истражувањето, што е и основната мисија на овој екипаж. Тие ќе се најдат заробени на вонземјанска планета, каде што дефинитивно нема недостаток на акција, но сепак центарот на настаните се задржува на земјата – конечно овозможувајќи ни подобро да погледнеме кон карактерите на главните ликови.
Со поделбата на екипажот, се менува динамиката која ја видовме претходно и резултатите се одлични. Ухура, зад која стои Зои Салдана и Сулу се обидуваат да избегаат од негативецот Крол, Скоти и вонземјанката Џејла (Софија Бутела) работат на поправка на бродот, Чехов му помага на Кирк, додека пак најдобриот пар од сите, Боунс, кој го толкува Карл Урбан и Спок се обидуваат да преживеат во дивината. И покрај тоа што емоционалното изразување на Спок во овие сцени за некои може да биде претерано, сепак, треба да имаме на ум дека во овој универзум тој е подготвен повеќе да ја прифати својата човечка страна. Хемијата помеѓу Спок и Боунс е неверојатна и може да се каже дека тие го украдоа главното место на сцената во овој филм.
Ова се само дел од причините зошто овој филм храбро оди онаму каде што вреди да се истражува!
“Тие ќе се најдат заробени на вонземјанска планета…” За разлика од земјанските планети, нели?!