Филм: Двојник (The Double)
Каков живот би имал јас кога мојот карактер би бил поинаков?
Режија: Ричард Ајоади
Улоги: Џеси Ајзенберг, Миа Васиковска, Валас Шон
Времетраење: 93 минути
Јазик: англиски
Премиера: 13 август 2014
Жанр: драма, трилер
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Сајмон Џејмс (Џеси Ајзенберг) е приправник во една компанија кого околината никако не го забележува. Колегите речиси и не го познаваат, шефот не ги слуша неговите идеи, вљубен е во колешката Хана (Миа Васиковска) а таа не му обрнува внимание, воглавно никој не покажува особено голема почит кон него… го гази кој ќе стигне, а тој сето тоа го трпи. Еден ден во компанијата каде што работи пристигнува нов колега, Џејмс Сајмон (исто така Џеси Ајзенберг). Тој изгледа потполно исто како него, но карактерот им е сосема различен: неговиот двојник е самоуверен, харизматичен и лесно ги шармира девојките.
Иако изгледа како еден од бројните филмови од ваков тип, „Двојник“ не е ништо налик на оние плитки филмови каде што бета мажјакот сака да биде алфа мажјак, но на крајот некако ја освојува девојката и сфаќа дека и како бета може да му биде убаво. Овој филм располага со повисок уметнички израз. И самиот е инспириран од литературно уметничко дело – „Двојник“ на Достоевски, па режисерот Ричард Ајоади не оди подалеку од тоа. Тој создал филм кој се бави стриктно со прашањето за потенцијалите на личноста кое го наметнува на почетокот, без притоа да му прилепува повеќе или помалку лигава романтична приказна за да го направи погледлив за поширок круг на луѓе. А и самото следење на приказната наликува на читање книга.
Дејството е сместено во некој непознат период во некој чуден ретро-футуристички свет. Сцените воглавно се темни, а музиката доследно го доловува анксиозниот свет во кој живее главниот лик. Високото ниво на сите елементи го заокружуваат извонредната кинематографија и Џеси Ајзенберг, којшто одлично игра два сосема спротивни карактери. Има што да ви се допадне во филмот, се разбира, ако сакате да гледате нешто оригинално и поинакво од вообичаеното.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.