Филм: Џанго разузданиот (Django Unchained)
Филм за потрагата по слобода и одмазда
Режија: Квентин Тарантино
Улоги: Џејми Фокс, Криштоф Валц, Леонардо ДиKаприо, Кери Вашингтон, Семјуел Л. Џексон
Времетраење: 165 минути
Јазик: англиски
Премиера: 25 декември 2012
Жанр: вестерн, авантура, драма
Наша оценка: 10/10
Ваша оценка:
Она што се случува со куче штом се ослободи од синџири, тоа се случува и со човек кога ќе го доживее истото. Преку овој филм Квентин Тарантино раскажува приказна за еден таков човек, роб кој ќе ја помириса слободата и ќе добие надеж дека утрешнината носи подобар живот. Ова не е уште еден од оние безброј филмови кои површно го третираат ропството и ужасното минато на Америка, туку филм кој веројатно ќе добие култен статус, благодарение на бескомпромисноста со која се прикажани судбината на робовите и суровоста на настаните од тој период.
Дејството започнува две години пред почетокот на Граѓанската војна во САД и конечното укинување на ропството. Д-р Кинг Шулц (Криштоф Валц), ловец на глави и поранешен забар од Германија, ќе го откупи робот Џанго (Џејми Фокс) од своите сопственици. Потребен му е, затоа што знае како изгледаат криминалците кои тој треба да ги изведе пред правдата, живи или мртви. За возврат, откако ќе ја исполни својата цел, Шулц ќе му ја даде слободата и ќе му плати за секој од убиените. Џанго, сакајќи со парите да ја откупи слободата на својата жена (Кери Вашингтон), веднаш се согласува. Но, во текот на операцијата Шулц во него ќе препознае стрелачки талент и понудата ќе ја прошири на третина од својата заработка и голема помош во потрагата по жена му, ако му помага уште оваа зима. Разузданиот поранешен роб ќе прифати и со својот нов пријател ќе тргне низ Америка во поход кон својата слобода, слободата на својата сакана и одмазда кон оние што нему и нејзе им нанеле зло.
Шулц: „Ти се допаѓа ли бизнисот на ловење глави?“
Џанго: „Да убивам белци и да ми плаќаат за тоа? Што има да не ми се допаѓа?“
Додека ги следите на нивниот пат, многу пати ќе помислите дека знаете што ќе се случи следно, но токму тогаш следува изненадувачки пресврт кој ќе ве држи силно заинтересирани до самиот крај. Патувањето е исполнето и со неверојатно многу насилство. Тарантино е многу критикуван поради неговото сликовито прикажување, но тој со право се вади со фактот дека периодот во кој се одвива дејството, бруталноста била секојдневна работа и одбива да се преправа дека луѓето од типот на Келвин Кенди (Леонардо ДиКаприо) биле фини.
Неговите ликови многу придонесуваат за бруталниот амбиент кој тој одлично го гради.
Келвин Кенди: „Твојот шеф ми изгледа малку вознемирен.“
Џанго: „Не е навикнат да гледа како кучињата парчосуваат човек, тоа е сè.“
Келвин Кенди: „А ти си навикнат?“
Џанго: „Јас сум повеќе навикнат на Американците отколку тој.“
Помеѓу интересните ликови што се појавуваат во овој филм посебно внимание заслужува Кинг Шулц. Криштоф Валц е брилијантен во оваа улога, обликувајќи го најхаризматичниот лик во филмот. Шулц лесно ќе ве освои со неговиот дел од извонредно склопените остроумни дијалози и бескрајната елоквентност, со која успева да се извлече од компликуваните ситуации.
Штом седнете да ја гледате потрагата по слобода на Џанго, веднаш ќе влезете во неговиот свет. Без оглед на тоа дали сте фан на филмовите на Тарантино или не, приказната за разузданиот роб може толку лесно да ве обземе, што кога ќе заврши ќе се чудите кога поминале речиси три часа. Ако сакате толку долга филмска забава, тогаш „Џанго разузданиот“ (Django Unchained) е филм кој не смеете да го пропуштите.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.