Филм: Дедпул (Deadpool)
Поранешен специјалист и платеник поминува низ експеримент кој му дава моќи за исцелување и го создава неговото алтер его – Дедпул
Режија: Тим Милер
Улоги: Рајан Рејнолдс, Морена Бакарин, Стефан Капичич, Бријана Хилдербранд
Времетраење: 108 минути
Премиера: 14 февруари 2016
Јазик: англиски
Жанр: акција, комедија, фантазија
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Станува збор за смешна, насилна и доста верна адаптација на култниот лик Дедпул од стриповите на Марвел – една несекојдневна приказна која нема да ја сретнете на ниту едно друго место. Со доволно графичка содржина за да го задоволи секој хорор фанатик и со ограничен буџет за изработка и реализација, „Дедпул“ е типична комедија на грешки со недоразвиена морална димензија која не ја пропушта шансата да ги исмева сите мултимилијардерски франшизи на матичното студио од кое потекнува. На продукциско ниво, „Дедпул“ се вбројува во оние филмови од Марвел кои и покрај нивната наративна тежина, се лесни за гледање и со своето класично етапно развивање на дејството можат истовремено и да ве расположат и да ве растажат.
Режисерот Тим Милер и сценаристите Рет Рис и Пол Верник (вистинските херои во приказната) ја прошируваат нивната сатирична мрежа низ спектарот на фантастичното и создаваат една стандардна приказна за потеклото на суперхеројот која изобилува со црн хумор, сарказам и културни референции од и за забавната индустрија.
Актерската екипа е изненадувачки добра, со оглед на мешаните критики за изборот на актерите кои филмот ги доби на почетокот на снимањето. Стефан Капичич како гласот на добриот и љубезниот метален џин со голема сила и срце – Колосус, Бријана Хилдербранд како тивката, но и опасна Негасонична тинејџерска боева глава, како и Морена Бакарин во улога на главниот женски протагонист – Ванеса, се покажаа како одлична „поддршка на главниот херој“. Рајан Рејнолдс, пак, го игра психотичниот и анатомски невозможниот Вејд Вилсон делејќи го на два дела: како емотивен, праведен, забавен и генерално добар човек кој со своите најблиски се обидува да го извлече најдоброто од животот кој му преостанува и како безмилосен, брутален и суров поранешен оперативец на Специјалните единици и платеник на одмаздничка мисија.
Неговата оригиналност, автентичност и способност да го држи дејството на исто ниво на ентузијазам од почетокот до крајот на филмот не заслужуваат ништо друго освен суперлативите на сите комплименти и пофални зборови, што може слободно да се каже дека ликот на Дедпул е спротивен од Зелениот фенер.
Она што го издвојува „Дедпул“ од останатите филмови за суперхерои во последниве 15 години е фактот што целиот филмски екипаж кој работел на филмот е свесен за тоа колку ваквиот жанр станува пренатрупан, предвидлив и комерцијализиран. Се разбира, и самиот „Дедпул“ се води по сите клишеа кои можете да ги очекувате од еден ваков смел проект, но, за разлика од останатите филмови кои ја бараат сериозноста во сценарија кои сами по себе не се и не би требало да бидат сериозни, знае вешто да си поигра со нив. Со една реченица, „Дедпул“ е филм за еден суперхерој кој нема ниту една карактеристика на херој, но претставува синоним на зборот „супер“.