Филм: Да живее Франција (Vive la France)
Двајца овчари кои сакаат да станат терористи
Режија: Мишел Јун
Улоги: Жозе Гарсија, Мишел Јун, Изабел Фунаро
Времетраење: 94 минути
Јазик: француски
Премиера: 20 февруари 2014
Жанр: комедија
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Музафар и Феруз се двајца овчари од Табулистан, мала држава во средна Азија чие ниво на развој е соодветно на средниот век. Иако има чуден диктатор и уште неколку, според западни критериуми, неубави карактеристики како и своите соседи Авганистан и Киргистан, сепак никој на светот не знае за малиот Табулистан. Фрустриран од тоа, синот на диктаторот решава да ги испрати двајцата овчари во терористичка мисија во Франција каде што треба да ја срушат Ајфеловата кула и да се расчуе за малата азиска нација.
Музафар и Феруз не се зли луѓе, но се доволно наивни за да го прифатат барањето на власта. По краток тренинг заминуваат со авион за Париз. За нивна несреќа, поради одредени проблеми авионот мора своето патување да го заврши на Корзика, па пред двајцата неснаодливи овчари сега е предизвикот да го најдат патот до Париз.
Музафар и Феруз се толку изгубени што дури не знаат ни дека се во Франција. За нивна среќа налетуваат на една амбициозна новинарка која смета дека тие се обесправени мигранти. Сакајќи во нивно име да ја истера правдата, таа ќе ги поведе со себе на патување околу земјата со Париз како крајна дестинација.
При тоа филмот го пренагласува културниот диверзитет на Франција и многубројните стереотипи кои важат во земјата. Дел од хуморот во филмот се базира токму на тоа, но најмногу на наивноста на табулистанските овчари-терористи. „Да живее Франција“ можеби помалку ќе ве потсети на „Диктаторот“, но не е толку добар. Можеби ќе ве потсети и на „Борат“, но не омаловажува никого. Не е најсмешниот филм кој досега се појавил, но поседува доволна доза хумор за да понуди добра забава.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Filmov e cista 10-ka koj saka da se smee 94 minuti pod itno i zadolzitelno da go gleda