Филм: Човекот-птица или Неочекуваната моќ на незнаењето [Birdman: Or (The Unexpected Virtue of Ignorance)]
Филм за човек кој сакаше да биде повторно сакан
Режија: Алехандро Гонзалез Ињариту
Улоги: Мајкл Китон, Едвард Нортон, Зак Галифијанакис, Ема Стоун
Времетраење: 119 минути
Јазик: англиски
Премиера: 14 ноември 2015
Жанр: драма, комедија
Наша оценка: 10/10
Ваша оценка:
„Брдмен“ е филмот кој го доби последниот Оскар за најдобар филм и со тоа разочара многумина кои очекуваа тој да замине кај „Момчештво“ (Boyhood) или „Хотелот Гранд Будапест“ (The Grand Budapest Hotel), филмови кои беа многу поинтересни за гледање. Никој не го спори неговиот врвниот квалитет, но делот од публиката која сè уште смета дека оскарите се најважното мерило за квалитет, се прашуваa дали мораше годинава токму тој да ја земе најважната награда кога ги имаше споменатите филмови во конкуренција. Реакциите на публиката за него се измешани затоа што е многу суптилен и бара од гледачот да ги прочита емоциите кај главниот лик. Тоа реално не е за широката публика која сака да биде возбудена од кој знае какви чуда кои сигурно не се поврзани со човечките емоции.
Во филмот се работи за човек кој се вика Риган (Мајкл Китон) и кој некогаш бил многу славен кога толкувал улога на суперхеројот Брдмен во еден холивудски блокбастер. Оттогаш, тој нема никаква кариера. Иако не е веќе млад актер, се мачи со полуанонимност и со фактот што луѓето го знаат само по таа една единствена улога. Сега глуми во театар на Бродвеј во претстава која може да му врати дел од славата, но е под толкав стрес што самиот претставува голема опасност за својата кариера. За да бидат работите уште полоши, треба да глуми покрај Мајк (Едвард Нортон), млад надежен актер кој добива одлични критики и многу жени и е сето она кое Риган некогаш бил, денес не е, и се плаши дека никогаш нема ни да биде повторно. Како врв на сè, Мајк започнува врска со Сем (Ема Стоун), ќерката на Риган која работи во истиот театар.
На Риган не му е лесно да помине низ сите овие работи за пак да им се допадне на луѓето како што тоа било некогаш одамна. Брдмен, неговиот најголем успех, денес му виси над глава и му тежи повеќе од кога било, а сето тоа е прикажано на многу моќен начин и затоа овој филм и стекна толкава слава и собра толку многу награди. Дополнителен квалитет е извонредната глума на целиот тим, почнувајќи од Мајкл Китон и Едвард Нортон, па до сите останати, и се разбира одличната режија на Алехандро Гонзалез Ињариту.
Гледајте го „Човекот-птица“ затоа што е одличен филм. Сигурно некои ќе ви речат дека е здодевен и дека не е интересен како филмовите со суперхерои или роботи. Факт е дека не припаѓа на таа група, ова е длабока и суптилна драма за нашата потреба постојано да бидеме сакани и стравот кој настапува ако изгубиме и само мал дел од таа љубов. Ѕирнете малку под површината за да сфатите што се случува во овој филм. Ако фрлите еден поглед таму, ќе сфатите дека филмот е многу богат со емоции и е за чиста десетка.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.