Филм: Човек-пајак: Враќање дома (Spider-Man: Homecoming)
Неколку месеци по настаните во „Капетан Америка: Цивилна војна“, Питер Паркер нетрпеливо го очекува својот повик повторно да им помогне на Одмаздниците
Режија: Џон Вотс
Улоги: Том Холанд, Мајкл Китон, Роберт Дауни Џуниор
Времетраење: 133 минути
Премиера: 7 јули 2017
Јазик: англиски
Жанр: акција, авантура, научна фантастика
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Мора да признам дека никогаш не сум била фан на Спајдермен, иако не можев да најдам логично објаснување зошто е тоа така. Но откако го изгледав обновувањето на овој лик, конечно дојдов до одговорот – не ми се допаѓал претходниот избор на актери! Иако Том Холанд е многу млад и неговиот Питер Паркер има само 15-тина години, сепак тој одлично ја одигрува својата улога и заслужено го добива своето место меѓу Одмаздниците. Имајќи го тоа на ум, очекувајте многу навраќања на детството, особено на средношколските денови, кога сте знаеле дека можете многу повеќе, но сите околу вас ве спречувале токму поради годините. Можноста да се пронајдете во вакви ситуации го прави ликот пореален и поопиплив, а со тоа и многу позабавен за гледање.
Што се однесува до приказната, таа го следи типичниот образец на Марвел – многу акција, брзо темпо на развивање на настаните и совршена количина хумор за да се смеете во текот на целиот филм додека истовремено уживате во ефектите и егзибициите на младиот човек-пајак. И да, Питер Паркер е центарот на настаните во овој филм, но според мене, приказната не би била толку успешна без Мишел – спореден лик одигран од страна на Зендаја. Таа се појавува во совршено одбрани моменти и со само неколку реченици го врти сценското светло кон себе. Брилијантно изведено. И секако не смееме да го заборавиме дебелкиот пријател на Питер, Нед (Џејкоб Баталон), кој ги исполнува сите стереотипи за „човекот зад тастатурата“ – оној што им помага на суперхероите.
И за крај, ако сте вистински љубители на филмовите на Марвел, тогаш сигурно знаете дека секој филм има една или повеќе дополнителни сцени по завршувањето на листата со сите оние што работеле на филмот. Овој пат ќе мора да почекате малку подолго, но ви гарантирам дека чекањето ќе се исплати! Не заборавајте – има 2 сцени, а онаа што вреди да ја почекате е на самиот крај од филмот.