Претходно
Филм: Безредие (Lawless)
Датум: 21 дек 2012
Коментари: 0
Кога законот е корумпиран, одметниците стануваат херои
Режија: Џон Хилкоут
Улоги: Том Харди, Шаја ЛаБаф, Џесика Честејн, Миа Васиковска, Гај Пирс
Времетраење: 116 минути
Јазик: англиски
Премиера: 29 август 2012
Жанр: криминалистичка драма
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Иако сме се изнагледале гангстерски филмови чие дејствие е сместено за време на прохибицијата во САД, причината поради која ви го препорачуваме „Безредие“ (Lawless) е суровата сликовитост во нејзиното пренесување. Сниман е според книга напишана од внукот на еден од протагонистите во филмот, кој раскажува вистински настани од триесеттите години на дваесеттиот век кои му се случиле на неговиот дедо – шверцер на алкохол. Неговата новела изобилувала со лирски описи кои ненадејно биле прекинувани од брутални сцени на насилство, крв и убиства, но на обработката од мрачниот сценарист и музичар Ник Кејв може да ѝ се дадат истите епитети.Филмот раскажува приказна за тројцата браќа Бондурант кои за време на забраната за трговија со алкохол водат многу успешен бизнис со виски во округот Френклин во Вирџинија. Нема некој кој не сака да се напие од нивниот пијалак, дури и локалните полицајци. Но, кога од градот ќе дојде корумпираниот полицаец Чарли Рејкс (Гај Пирс) во име на окружниот обвинител да го бара својот дел од нивната заработка за да не им го чепка бизнисот, Форест Бондурант (Том Харди), најстариот брат и бестрашен духовен водач на групата ќе ја одбие понудата на Рејкс и ќе му се закани дека ќе го убие. Корумпираниот полицаец нема да отстапи и ќе испрати луѓе да го убијат Форест. Тој некако ќе го преживее пресекувањето на гркланот и против Рејкс ќе започне битка во која сè е дозволено.Дејството е полно со пресврти, кои ги носи Џек Бондурант (Шаја ЛеБаф), најмладиот и „најзелениот“ од братското трио. Неговата непредвидлива природа не дозволува да погодите што ќе се случи следно. Дополнителна драматичност внесува и тоа што жените се дел од влогот во борбата меѓу шверцерите и корумпираните власти.Доколку можете да ги гледате реалистично направените насилнички сцени, „Безредие“ (Lawless) за вас ќе биде многу возбудливо филмско искуство.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.